Пепо Леви, претседателот на Еврејската заедница во Македонија, остро најави дека ќе биде поднесена кривична пријава во Јавното обвинителство за името „Цар Борис Трети“ на бугарскиот културен центар кој е најавено дека ќе се отвори на 7 октомври.
Еврејската заедница е длабоко навредена и сметаат дека на овие простори повторно има ширење на фашизам, нацизам и антисемитизам преку отворање на културни центри или клубови кои носат имиња на фашистички колаборационисти од Втората Светска Војна.
„По таква една личност да се регистрира културен центар, тоа е директна провокација. Тоа е на одреден начин враќање во фашизмот. Не може фашизмот на таков начин на голема врата да се враќа во Македонија, тоа е недозволиво. Ние ќе поднесеме и кривична пријава до Обвинителството“, изјави Леви.
Во меѓувреме, владините претставници со нивните партнери, но, и претседателот Стево Пендаровски, се слепи, глуви и неми за ваквите случувања, што го наведува обичниот граѓанин да верува дека постои „тивко“ одобрување од нивна страна. Со доза на страв, претседателот при посета на Софија изјави:
„Можам да забележам дека во изминатите неколку месеци е прилично смирена реториката која доаѓа од Софија кон Скопје. Бугарите утре имаат парламентарни избори и јас сум задоволен дека „темата Македонија“ повеќе не е меѓу приоритетните.“
Но, оваа изјава не е издржана, бидејќи само пред 2 дена, министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, изјави дека смета дека политичарите во Скопје се жртви на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија.
7 октомври е само 4 дена пред Денот на востанието на Македонија против фашистичкиот окупатор, 11 октомври, случајност или не?