АктуелноЛокално

Апасиев: „Уставниот судија“ Џафери ќе си добие уште една кривична

По одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за распишување на референдум за укинување на договорот со Бугарија, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, за „Фокус“ коментира дека Џафери покажал правно незнаење, но и сила, за што ќе добие нова кривична пријава.

Џафери иницијативата за референдум требаше да ја достави до матичното работно тело, кое требаше да утврди дали иницијативата е уредна или неуредна. Веќе утре пак иницијативата требаше да се најде на пленарна седница. Наместо тоа тој самиот се впушти во материјална расправа, иако нема такво овластување. Заклучок може да носи само Собранието, тоа не е спикерско овластување, појаснува пратеникот Апасиев за „Фокус“.

Тој додава дека не само што Собранието може да укине таков билатерален договор, туку тоа може да го направи и Владата. Истакнува и дека членот кој го цитира Џафери, член 118 и членот 8 (став 1, алинеја 11) од Уставот, а кој вели: „Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“, не важи за Договорот со Бугарија.

Овој член се однесува на мултилатералните договори, на пример на Европската конвенција за човекови права, која ја потпишале 40 држави, но не важи за билатералните договори, во случајот на договорот потпишан меѓу Бугарија и Македонија, дециден е Апасиев.

Тој иронично додава дека „уставниот судија“ Џафери ќе си добие уште една кривична пријава од Левица.

Во одговорот до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Џафери пишува дека иницијативата за референдум не е во согласност со Уставот во кој е утврдено дека меѓународноте договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

Преземено од Фокус – Валентина Вурмо