НАЈАВА ЗА ГОЛЕМ ПРОТЕСТЕН МАРШ НА 16.06.2018

„СТРУМИЦА И СТРУМИЧКО ПРОТИВ РУДНИКОТ НА СМРТТА“

Време е Струмица и струмичко да се соочат со реалноста. Најновиот развој на настаните во врска со смртоносниот рудник Иловица-Штука е загрижувачки и остава голем простор за сомневање дека зад грбот на јавноста се крои судбина во која целиот регион е изложен на огромна опасност.

Сите можни рокови изминаа. Ние досега многу зборувавме и пишувавме за тоа какви погубни последици ќе произведе тој рудник за животната средина, за земјоделието, економијата и за животите и здравјето на граѓаните. Се еден збор – доведен е во прашање целокупниот опстанок на Струмичкиот регион. Изградбата на тој рудник ќе значи опустошување на Котлината, со што ќе отпочне неповратен процес на иселување и деградација, за сметка на бескрупулозни туѓински експлоататори, чија единствена цел е профит и ништо друго.

Нив не ги занима дали вие или вашите деца ќе се разболите од рак или од некоја друга смртоносна болест, како резултат на бројните отрови кои ќе произлезат од работата на рудникот. Нив ги интересира да ископаат злато и да заминат, оставајќи зад себе апокалиптична пустелија. Загрозени ни се трите основни елементи на животот – воздухот, водата и почвата. Со тој рудник, ние немаме иднина.

Неговата изградба ќе значи само едно: Смрт за Струмица и струмичко!

Тоа е реалноста и време е да престанеме да ги затвораме очите пред неа. Време е самите вие, драги сограѓани и соселани, да им дадете на знаење на сите дека рудникот е неприфатлив, по ниедна цена. На 16-ти јуни, од 12:00 до 14:00 часот, сите треба да јасно да видат дека народот нема намера пасивно да чека да биде отруен. И дека ќе се спротивстави. Ќе дојдат граѓани од целиот Југоисток и од цела Македонија. Овој рудник е проблем за целата држава.

Големиот протестен марш од струмичкиот плоштад до седиштето на концесионерот Еуромакс Рисорсис ќе биде исклучиво надпартиски и надполитички, во интерес на сите граѓани, без оглед на каква било припадност. Никој нема да профитира од него, освен граѓаните. Тоа ќе биде марш за нашето основно, уставно загарантирано човечко право на здрава животна средина и иднина за нашите поколенија. Марш за право на живот и ништо друго.

Време е сите заедно еднаш засекогаш да го сопреме рудникот на смртта.

Image may contain: text