Младите од 15 африкански земји НР Кина ја сметаат за земја со најголемо позитивно влијание врз нивните животи, покажува најновото истражување на фондацијата Ичиковиц. Над 70% од испитаниците позитивно го оцениле влијанието на НР Кина на африканскиот континент. Ова е важен момент бидејќи демографските проекции предвидуваат дека до 2050 година 80% од младата популација во светот ќе биде од Африка.
Од каде доаѓа оваа наклонетост кон кинеското влијание? НР Кина ефикасно спроведува големи и скапи инфраструктурни проекти, велат испитаниците. Тие исто така обезбедуваат модерни, достапни производи како и работни места за локалното население.
Истражувањето, спроведено од Јужноафриканската фондација Ичиковиц, собра податоци за ставовите на младите на возраст од 18 до 24 години низ поголемиот дел од африканскиот континент.
„САД и нивните корпорации во голема мера отсуствуваа од вложувања во Африка изминатите години, освен неколку програми фондации за помош како што е Иницијативата за помош во Африка на Барак Обама“, рече Антони Сгуазин од Блумберг, и додаде дека во меѓувреме, кинеските компании градат патишта, брани и електрани.
Вистина е дека обезбедувањето помош за сиромашните земји е скапо и бара долгорочна посветеност. Кинеските странски директни инвестиции во Африка растат со години. Според податоците од Кинеско-африканската истражувачка иницијатива инвестициите од 75 милиони американски долари во 2003 година, се искачија на 2,7 милијарди американски долари директни инвестиции во 2019 година.
Во истражувањето, речиси половина 47% од испитаниците изјавиле дека НР Кина има позитивно влијание врз нивната земја, а над 35% рекле дека има многу позитивно влијание.
Резултатите беа уште попозитивни во земјите каде што кинеските инвестиции се интензивни. Во Нигерија, 90% од испитаниците сметаат дека влијанието на кинеските инвестиции е позитивно, во Малави 95%, а во Руанда дури 97%.
Зголемувањето на влијанието на НР Кина е уште позначајно за земјата со оглед на немилосрдната негативна кампања што ја добива во западните медиуми, обвинувајќи ги дека ги турка африканските земји во должничко ропство преку финансирање на инфраструктурата.
Кинеските каматни стапки имаат тенденција да бидат слични или пониски од оние на Запад. Пред две недели беше објавено дека Кина отпишува кредити за 17 африкански земји. И покрај обвинувањата за високи камати, сите заеми беа утврдени со нула камата. Веста доби минимална покриеност во западните медиуми.