Современите руски гасни централи се гарант за енергетската независност на Крим

Пишува: Дарко Тодоровски Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Крим – полуостров со богата историја, познат туристички центар на брегот на Црното море, познат по вкусните кримски вина, остриги и прекрасните плажи, летна резиденција на руските императори и на советските лидери, денес е познат и по тоа што успешно се развива економски и индустриски, во тек е процес на современа индустријализација без разлика на западните санкции и нивниот ефект. А за да може Крим успешно да се развива економски, потребна е електрична енергија, која што ја произведуваат современи руски гасни централи. Со свои очи и во разговорите со различни луѓе на Крим се убедив дека Крим се гради и се развива. Успеав да посетам повеќе различни современи компании, почнувајќи од гасна централа, земјоделски комбинат, млекара, винарија, фарма за остриги на Крим и да направам повеќе интересни репортажи.

После референдумот во 2014 година и враќањето на Крим во составот на Русија, Крим се соочи со брутални западни санкции, но санкциите не успееја да го спречат развојот и обновата на Крим. Почнувајќи од 2014 година па до денес Крим наликува на огромно градилиште, и Крим денес и пред 2014 година не може да се препознае. А како одмазда за успешниот референдум, Украина го прекина снабдувањето на Крим со електрична енергија и со вода за пиење по кримскиот канал. 80% од потребната електрична енергија Крим ја добиваше од Украина, но после референдумот, Украина едноставно ги крена во воздух далноводите кои што го снабдуваа Крим со електрична енергија. Мобилните генератори, брзата изградба на енергетскиот мост со копнена Русија спречија Крим да потоне во мрак. Но тоа беше времено решение, и Москва пристапи кон стратешко решение, односно изградба на три нови гасни централи.

Во близина на градот Симферопол кој што е основан во третиот век пред нашата ера и бил центар на Скифското царство, на рамнина во близина на Црното море со преубава панорама се наоѓа супер современата гасна централа „Саки“, која што ги снабдува жителите на западниот дел на Крим со електрична и топлинска енергија. За да се влезе на територијата на гасната централа, треба да се поминат неколку нивоа на безбедност. Уникатноста на гасната централа „Саки“ е тоа што истата е изградена во 2018 година со 100% руски гасни турбини, компоненти и софтвер. На гасната централа „Саки“ работат 200 вработени и инженери, а истата е изградена во рекордно време, за 1 година, иако обично такви големи енергетски објекти се градат за 2,5 години, и цената за изградбата на оваа гасна централа изнесува 14 милијарди рубљи. Се работи за приватна инвестиција, на компанијата „КРИМТЕЦ“, и вкупната моќност на централата е 120 мегавати, и моќноста ја обезбедуваат четири гасни турбини ГТА-25 кои што се произведени во Перм, од страна на компанијата Авиомотор. Гасните турбини ГТА-25 се проектирани и произведени на база на авионските мотори ПС-90.

После завршувањето на двегодишниот експериментален период на работа во 2020 година, централата „Саки“ сега работи со полна пареа и ги снабдува жителите на западниот дел на Крим со електрична и топлинска енергија. Не само гасните турбини кои што се произведени во Русија ја прават уникатна оваа гасна централа, туку и целиот софтвер за гасната централа е разработен и произведен од руските ИТ инженери. Командната соба, мозокот на гасната централа наликува на команден вселенски центар, каде што на огромните монитори во реално време се покажуваат сите параметри на работа на централата.

Успешната работа и експлоатација на турбините што се користат во гасната централа „Саки“, докажаа дека се спремни за инсталирање на други централи ширум Руската Федерација, а исто така, по задоволување на домашната побарувачка, тие ќе се извезуваат во пријателски земји. Во исто време, централата Саки ќе стане полигон и центар за обука за специјалисти и инженери кои што ќе работат истите гасни турбини ширум Руската Федерација. Исто како гасната централа „Саки“, во фаза на модернизирање се две гасни централи во Крим, а во фаза на подготовка се десетици проекти ширум Руската Федерација.

Гасната централи „Саки“ е целосно дигитализирана и е управувана преку дигитален центар, и е прва таква дигитализирана централа во Русија. Дигиталниот модел помага во реално време да се променат параметрите на опремата и на турбините, и да се направат подобрувања многу побрзо и побезбедно отколку кога се работи во рачен режим. На тој начин централата работи со 99% ефикасност. Создадениот софтверски производ е домашен развој и е создаден од нула од руски специјалисти. Во фаза на реализација е проект за основање на дигитален центар за обука на територијата на гасната централа „Саки. Во моментов, претставниците на најголемите руски енергетски компании се редовни гости на централата, се запознаваат со работата на опремата во индустриски услови, со работата на дигиталниот центар и се подготвуваат ширум Русија да изградат исти гасни централи како гасната централа „Саки“.

Се до изградбата на гасната централа „Саки“, многумина на Запад и во Русија се сомневаа дека Русија е способна сама да произведе такви гасни турбини, бидејќи за разлика од Советскиот Сојуз кој што сам произведуваше цела палета на гасни турбини, во последните 30 години нивното производство беше уништено во Русија, и Русија беше зависна од турбините произведени од Siemens и General Motors. Русија денес, користејќи го советското наследство, научна школа, проекти и цртежи, веќе произведува неколку видови на современи гасни турбини, а во фаза на развој и производство се гасни турбини со моќност од 65 и 110 мегавати. Русија во наредниот период планира да ги замени сите западни гасни турбини со домашни гасни турбини, и тоа ќе даде голем импулс за развојот и производството на современи гасни турбини. Русија ја чека нова современа индустрилизација, но Русија ќе мора да се ослони на своите сили и знаења, за да го надмине ефектот од западните санкции и прекинот на соработката со Западот. Неколку пати низ својата историја Русија успеала да се справи со предизвикот, останува да видиме дали и сега Русија ќе се справи.