Русија – Ќе го воскреснеме и обновиме Донбас

Пишува: Дарко Тодоровски Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Додека војната помеѓу Русија и Украина продолжува со несмален интензитет, ширум Донбас може да се сретнат голем број на билборди со пораките „Ќе го обновиме Донбас“ и „Донбас ќе воскресне“. Како и после Втората Светска Војна и големата обнова, Донбас повторно ќе воскресне како Феникс од пепелта и повторно ќе биде богат и просперитетен регион. Русија инвестира трилиони рубљи во обновата на Донбас. Во моментов повеќе од 10 000 градежни работници и 1 500 различни градежни машини се ангажирани во обновата на Донбас. А ќе бидат ангажирани додатни работници, техника и средства. Разработен е голем план за обнова во наредните 5 години, кој што може да се спореди со обновата на СССР после Втората Светска Војна, или Маршаловиот план за Западна Европа. Судејќи според се, Русија е решена да го интегрира регионот Донбас во составот на Руската Федерација.

Уште на самата граница помеѓу Руската Федерација и Доњецката и Луганската Народна Република може да се почувствува дека Русија сериозно е решена да го обнови Донбас. Стотици камиони со разни производи, различни машини и техника чекаат да влезат во Донбас. На патиштата ширум Донбас, и кон Луганск и кон Доњецк, како и помеѓу Луганск и Доњецк, и Доњецк и Мариупол може да се забележат стотици градежни машини кои што работат на обновата и реконструкцијата на патната инфраструктура и мостовите. Според руски стандарди се реконструираат и прошируваат стотици километри патиштата и автопатиштата кои што се во лоша состојба, се обновуваат и се градат нови мостови, во тек е реконструкцијата и на железничките линии, се со цел што побрзо транспортната инфраструктура да се стави во функција, за да се забрза економската обнова на Донбас. Долж патиштата може да се забележи дека е завршена жетвата, а огромните полиња со сончоглед чекаат да почне жетвата. На полињата ширум Донбас покрај старата земјоделска механизација и комбајни, може да се видат и нови, кои што Русија ги донираше на земјоделските комбинати на Донбас.

Главниот фокус во обновата е ставен на Мариупол, градот кој што сериозно настрада како резултат на војната. Ужасните сцени од разрушените згради, домови и други објекти во Мариупол го облетаа целиот свет. Комисија за обештетување на штетите од Москва спровела експертиза за штетите на станбените објекти, домовите, и другите објекти и инфраструктура во градот. Врз основа на нивната експертиза, донесено е решение кои објекти можат да се реновираат, а кои не, и потребно е да бидат урнати и на нивно место да бидат изградени нови објекти. Сите жители, бизнисмени, ќе бидат обештетени до крајот на годината. 

Изработен е пет годишен план за обнова и реконструкција на Мариупол. Пред почетокот на војната во Мариупол живееле околу 450 000 жители, а сега во градот живеат околу 200 000 жители. Се враќаат и дел од бегалците. Според планот за обнова на Мариупол до 2035 година, предвидено е дека во 2035 година во Мариупол ќе живеат околу 350 000 жители.