21 година од масакрот кај Љуботенски Бачила
При прогласено примирје и прекин на огнот, на 10-ти август 2001 година, околу 08:00 часот кај месноста Љуботенски Бачила, воен камион на АРМ нагазил на две противтенковски мини при што загинуваат осум припадници на резервниот состав на АРМ, сите од Скопје, а осуммина војници биле повредени.
Масакрот и кукавичкиот напад бил организиран од страна на Џавит Асани – лидер на помала терористичка група на ОНА, а истите имале и логистичка поддршка од локалното цивилно население во селото Љуботен коишто им го дале точното време и правец на движење на македонските безбедносни сили тој ден.
Мините биле поставени во текот на ноќта. По нагазувањето на мините, војниците на АРМ влегле во заседа, по што следела неколкучасовна престрелка со терористите на ОНА.
Животот го загубија: Томе Бадаревски (33), Марјанчо Бошковски (28), Томе Димовски (37), Ивица Златевски (24), Бранко Јанев (36), Раде Јанковски (32), Томислав Настевски (27), Гоце Чанкуловски (39).
- Раде Јанковски е роден на 1 ноември 1968 година. Потекнува од семејство кое многу членови дало за слободата на Македонија (братот на неговиот дедо загинал за време на османлиското ропство, друг член од фамилијата загинал за време на втората светска војна). Кога дошло ред Раде да ја брани таа слобода, кога започнал воениот конфликт, без никакви дилеми го прифатил татковинскиот позив. Иако можел да се ослободи од мобилизацијата, тој рекол: „Не, не сакам никој да ме ослободува од обврската. Сите мои другари и роднини одат и јас ќе заминам. Тоа е посилно од мене”. Тој зад себе оставил сопруга и две деца.
- Ивица Златевски е роден на 20 декември 1976 година. Според неговите блиски, од Ивица зрачело спортскиот дух и ентузијазам, бил убеден дека доаѓаат подобри времиња за неговиот и животот на земјата. Загинал на 24 години во силната експолизија поставена од терористите и бил најмладата жртва во овој масакр.
- Томе Димовски е роден на 6 мај 1964 година. Тој за почетокот на јули со фамилијата се подготвувал за годишен одмор. На 6 јули му дошла поканата за мобилизација. Требал да одлучи дали ќе ја врати поканата или ќе ја прифати. Решил да ја прифати за да може да и се оддолжи на државата, а потоа, рекол, ќе можат мирно да заминат на одмор со фамилијата. При првите доаѓања дома, на домашните малку им зборувал за ситуацијата во која се наоѓал. Велел дека не е така страшно, дека сè ќе мине. По дванаесетте дена минати на високите позиции на планината почнал да се плаши. Кажувал дека им е тешко, бидејќи на позиции биле по двајца, а терористите постојано ги провоцирале. Дури и пукале кон нив. Велел, се преслекуваат во женска облека за да нѝ се доближат, го користат добитокот за разни трикови и подметнувања, а нам нѝ е забрането да пукаме. Објаснувал дека за секој испукан куршум армијата ќе им наплатела по три марки казна.
Од експлозијата, Томе од половината надолу целиот бил разнесен, немале каде операција да вршат, под апарати издржал до 22:00 часот вечерта, по што им подлегнал на повредите.
- Марјанчо Бошковски е роден на 14 јуни 1973 година. Бошковски бил гардист во АРМ. Подоцна неколкупати бил земан на вежба. Последен пат бил мобилизиран на 19 март 2001 година. Оттогаш до денот на загинувањето, 10 август, со мошне куси прекини, постојано бил по рововите на Скопска Црна Гора. Поради лоша координираност и евиденција, во времето додека бил мобилизиран од АРМ, го барала и полицијата. Луѓето од полициската станица „Бит-пазар“ телефонски го барале неколкупати. Мајка му или сестра му одговарале дека Марјан одамна е мобилизиран во АРМ. По едно навраќање дома, мајка му му кажувала на Марјанчо за настанот. Тој пак се насмеал и само одговорил: „Не е битно. Можеби некои момчиња се кријат, но ако сите се криеме, кој ќе ја брани татковината? Не се грижете, ќе поминам во станицата и ќе се разбереме“.
Во текот на воениот конфликт, Бошковски на секого од другарите од рововите барем еднаш му го спасил животот. Во врска со јулскиот земјотрес во Кумановско, соборците велат дека не биле точни радио информациите дека имало посилен земјотрес. Тој ден биле во близина на с. Матејче. Марјанчо тогаш открил огромен склад за оружје и муниција. Отишол сам и го кренал складот во воздух. Долго потоа земјата се тресела и одекнувале подземни детонации. Кога се враќале на позициите, претпоставените веќе знаеле кој го сторил тоа, и од милост, Марјанчо го прекрстиле во „Рамбо“.
Марјанчо починал на патот кон болницата. Хеликоптерот задоцнил со интервенција. Во текот на транспортот, Марјанчо имал кус дијалог со лекарот што бил во екипата за извлекување на ранетите и убиените. „Докторе, однесете ме дома“ му рекол на лекарот. „Стрпи се уште малку и сè ќе биде во ред“ му одговорил лекарот. Марјанчо пак, му рекол: „Знам дека тука ми е крајот. Однесете ме дома само да ги видам сестра ми и мајка ми. Само да ги видам. Не ми е жал што ќе умрам, загинав за Македонија”
- Томислав Настевски е роден на 4 август 1973 година. Пред да биде мобилизиран, бил невработен, работел сѐ и сешто, најчесто физички работи, само за да обезбеди егзистенција за семејството. Неколку дена пред да загине во заседата кај Љуботенски Бачила, Томислав лошо се повредил и ја шинал ногата. Иако тешко одел, цели две недели не го пуштале да си дојде дома и останал со шината нога до крајот. На 10 август, дента кога требало да си дојде дома, Томислав загинува. За да биде трагедијата поголема, всушност умрел тешко ранет во камионот, бидејќи спасувачите го заборавиле. Според соборец на Томислав, откатко се случила експлозијата, тој бил жив уште три часа, колку што се чекало да стигне помошта. Томислав се довлечкал до камионот и се сокрил внатре или под него, постојано барајќи помош. Некој од војниците му дал газа и тој ги притискал раните, но и натаму обилно крварел. Екипите за извлекување успеале да стигнат на местото на настанот дури по околу три часа. Веројатно не го виделе, или сметале дека е мртов. А тој бил жив, барем како што кажал сведокот. Во меѓувреме, некој војник се симнал од одморалиштето кај камионот и ги штител ранетите и убиените од нападите на терористите кои се обиделе да се симнат од Љуботен. Да не бил тој војник, веројатно сите ранети ќе биле измасакрирани од терористите за да нема сведок.
Томислав зад себе ја оставил својата сопруга и својот, тогаш, петгодишен син.
- Бранко Јанев е роден на 9 септември 1964 година. Бил меѓу врвните пливачи и скијачи. Станал инстуктор во тие дисциплини. Најдалеку стасал во борењето. Се искачил и на победничкиот престол како балкански шампион. По завршувањето на кариераа работел на афирмација на овој спорт во Скопје. Поканата за мобилизација ја прифатил со зборовите: „Ако сите ја избегнуваат обврската, нема кој да ја брани Македонија. Ќе одам да ѝ се оддолжам на татковината, а потоа веднаш ќе заминеме на годишен одмор“. Бранко им раскажувал на најблиските дека првиот месец минал доста организирано на бојното поле. Имало и активни старешини и едноставно се знаело што треба да прават резервистите. Вториот месец, велел, ништо не се знаело. Активните старешини си седеле во одморалиштето во Љубанци, а младите резервисти ги пуштале сами да одат на позиции, без некоја конкретна задача или барем упатство во какви ситуации како да реагираат.
Бранко зад себе ја оставил сопругата со двете деца. - Гоце Чанкуловски е роден на 6 мај 1962 година. За време на воениот конфликт, тој си доаѓал дома на три – четири месеци, по два – три часа да се искапи и преслече. За ситуацијата на теренот и за тоа што работат, со своите најблиски воошто не сакал да разговара. Велел: „Како за сите, така и за мене“. Во разговор само еднаш се опуштил кога биле заедно со неговиот братучед Томе Бадаревски, со кого подоцна заедно загинуваат, и кажал дека кога одат на позиции, по рововите низ планината и кога се враќаат од таму кон одморалиштето на крајот од селото, никогаш не користат возило. Постоела опасност од поставени мини по патот, па оделе пеш и затоа подобро им било во патики отколку во цокули.
Откако ќе ѝ се оддолжел на државата, Гоце планирал да се ожени. Неговите родители тоа не го дочекале.
- Томе Бадаревски е роден на 13 мај 1968 година. Свесен за суровоста на воената криза, решително се ставил самиот на бранителската задача. На неговиот патриотизам и храброст, терористите ја спротивставиле својата злоба, подлост и кукавичлук, прекинувајќи ги животот на Томе и семејните очекувања на потомството кое останало без татковата грижа. Бадаревски имал многу пријатели меѓу Албанците во Љуботен. Често контактирал и се дружел со нив. Со неколкумина од нив бил другар од детството.
Тој зад себе оставил сопруга и две деца.
Вечна им слава на хероите!