АктуелноЛокално

Левица: МТСП повторно ги заборави лицата со попреченост

  • Реакција на политичката партија Левица

По точно една година откако поранешната министерка за труд и социјална политика Шахпаска им вети на лицата со попреченост остварување и зголемување на нивните права, ветувањата останаа само ветувања.

Не само што МТСП во меѓувреме не ги оствари ветувањата и воопшто не покажа слух и волја за решавање на проблемите на лицата со попреченост, туку и народните избраници предводени од коалицијата на СДС и ДУИ не сакаа да ги поддржат законските измени кои ги предложија пратениците на Левица за двојно зголемување на посебниот детски додаток кој сега изнесува 5 илјади денари!

Сегашната министерка Тренчевска ја задржа постојаноста во негрижата за лицата со попреченост по примерот на предходната министерка Шахпаска, па наместо суштинско решавање на реалните проблеми на овие лица, преку добро осмислена ПР кампања ги убедува лицата со попреченост дека со предложените законски измени кои се веќе во собраниска процедура и со кои се бара зголемување од 35 отсто на сите додатоци на лицата со попреченост, значително ќе се подобри нивниот статус.

‼️ Ако се земе во предвид тоа што Македонија се соочува со огромна инфлација и драстичен скок на цените на сите производи и услуги, дали министерката Тренчевска смета дека предложеното зголемување на паричните додатоци на лицата со попреченост кое ќе се движи од околу 1, 757 до 2, 450 денари ќе биде доволно за задоволување на основните потреби на овие лица?

Само за потсетување, советниците на Левица за само десет месеци од завршувањето на локалните избори преку низа иницијативи и аманадмани во општините, до сега издејствуваа повеќе мерки за лицата со попреченост и другите социјални категории од колку МТСП.

Во Град Скопје, преку амандмани се обезбедија дополнителни 7,5 милиони денари за обезбедување на електро-моторни додатоци на лицата со телесен инвалидитет, за опремување на сензорна соба, за зголемување на бројот и надоместокот на образовните асистенти и тн.

Сето ова укажува на фактот дека доколку МТСП и Владата на СДС и ДУИ имаат интерес за решавање на проблемите и маките на лицата со попреченост, со политичка волја досега овие проблеми ќе беа решени, или сведени на минимум.
За жал, со ваквиот нетолерантен, неинклузивен и понижувачки однос кон лицата со пореченост СДС и нивните коалициони партнери докажуваат дека овие лица на општествените маргини им служат за политички поени пред избори.

За овие наши сограѓани потребна е максимално солидарна и инклузивна политичка платформа која човековата добробит ја става пред зделките за профит.