Колкави хонорари добива Шкодране Дардишта која се закани со војна

Веднаш по објавувањето дека опозициските партии имаат мнозинство во собранието и дека се отвора можноста за прв пат во својата историја ДУИ да оди во опозиција, Шкодране Дардишта, која е кадар од оваа партија, објави фејсбук статус во кој се закани со војна.

Изминатите неколку дена оваа е помеѓу поважните теми во медиумите, но јавноста најмногу е заинтересирана за тоа: која е, што работи и дали ќе биде повикана во обвинителство Шкодране Дардишта.

Заеднички служби“ е јавната установа во рамки на скопските клиники која постои 13 години. Речиси низ целото нејзино постоење, односно 12 години со истата управувала Шкодране Дардишта. Нејзината „службеничка“ кариера, која започна на скопските клиники, денес, иако нема никаква поврзаност со телекомуникации, продолжува во одборот на директори на Телеком.

Според податоците на БЈБ, Јавна установа Заеднички служби, од 2008 година досега склучила 1.962 тендери. Речиси 17 години, скопските клиники со храна ги снабдува компанијата „Хацат“, за одржувањето на хигиената се грижи фирма на почесниот конзул од Унгарија.

Како раководител на Заеднички служби, на Шкодране Дардишта месечната заработка и била 39.000 денари. Во овој момент, таа е член во Одборот на директори на Македонски телеком и претставник на Владата, каде заработува месечен хонорар во висина од 33.000 денари.

Денес, низ порталите се појавија и фотографии од џипот на нејзиниот сопруг, кој според пишувањата има вредност од 150.000 евра.

По закани за војна, од нејзината матична партија ја уверуваат јавноста дека нејзината порака е разбрана погрешно. Од официјалните државни институции таа сè уште не е повикана, а засега нема осуда ниту од невладините организации.

Она што јавноста го очекува како минимум е Дардишта да биде тргната од сите јавни функции за кои е платена со народни пари, а за заканите со војна да биде повикана на распит во обвинителство.