Себемразечката суштина на македонската буржоазија

Пишува: Демир Камара

Никако да се доначудиме на способноста на политичките партии на естаблишментот во Македонија да потклекнат и да се симнат под секое ниво на национално и човечко достоинство, прифаќајќи ултиматуми, уцени, навреди и критики по секоја цена, а под услов тие да доаѓаат од насока на, според нив, развиениот свет и претставниците на ним блиските идеолошки форми.

Едната навидум либерална и слободарска, другата тврда и конзервативна, а всушност двете со длабока омраза кон самите себе и особено сопствениот работен народ за кој постојано, директно или индиректно, тврдат дека е виновен за состојбата во која се наоѓа земјата. За едните сме необразовани и склони кон омраза, а за другите неработливи, неорганизирани и со закржлавено патриотско чувство.

Доколку ги оставиме да одработуваат до крај, никогаш нема да престанат нивните навреди кон македонскиот народ, ниту пак ќе зајакне нивната позиција кон непријателски и покорувачки настроените држави.

Двете најголеми буржоаски партии всушност само го изразуваат ставот и заложбата на сопствената класа чија цел е целосно класно раслојување помеѓу од западните капиталистички елити поробениот македонски народ.

Оној кој себе си се смета за вродено некомпетентен и без капацитет да делува како историско битие, лесно ќе потпадне под наративот дека животниот век треба да го помине подјармен од теоретски и практично капиталистички настроените му сродници кои според едноумниот критериум спаѓаат во успешни и реализирани поединци/групи – во овој случај прозападната богаташка класа. Најнакрај, за него и окупацијата и одродувањето се чин на созревање и стоичко јунаштво со благородна цел, а не чин на скапување и предавство на самобитноста.

Би било многу лесно доколку овој проблем е препознаен меѓу самата работничка класа, но за жал, поради целосна вина на класно неосвестената интелигенција која, во очекување на некој залак од софрата на империјалистичките влекачи, за сопствената состојба, во која шарлатаните уживаат поголема почит од нив, ги обвинува “необразованите, нецивилизираните и назадните” сонародници. Но, дали се работи за специфика исклучиво присутна кај нашиот народ или пак ја гледаме и пошироко околу нас. Одговорот е јасен – НЕ!

Западниот колонизаторски дискурс оди во оваа насока уште од самото втемелување на неговата светска економска доминација. Дури и најобјективните и строги критериуми на науката се докажано дискриминирачки, неодобрувачки или понижувачки вперени кон секоја “незападна” или “полузападна” материјална или идејна манифестација. Нашата наука, особено општествената ѝ гранка, е во одредена кохерентност со западната, дури во времето на поранешната социјалистичка држава. Моментално таа ѝ е неоправдано потчинета.

Така, како последица на акумулацијата на влијанието на општествено-историски чинители, помеѓу економските, политички и интелектуални елити кои освен за Западната, практично не познаваат ниту една друга цивилизациска парадигма, е создадена погодна подлога за цутење на хомоколонијален менталитет.

Мазохистичките искази како “Нам ни треба нов Хитлер; овој народ за подобро и не е; тоа е така само кај нас” се само продукт на долгогодишното интелектуално робување. Да не одиме понатаму со поразително слабото повикување и црпење инспирација од сопствената историја и култура, и со застрашувачки недоволното комуницирање со соседните народи кои се, по правило, во слична положба и со еднаква настроеност кон нас.

Овој очигледно влијателем “лилипутански синдром” мора сериозно да се истражи, детектира и отстрани од ткивото на нашиот народ пред кого се поставени сериозни историски предизвици и кој за својата самостојност во ерата на империјализмот треба повторно да се бори. Не е решение да се повикуваме на супериорност и фанатичност која е всушност компензација на длабоко постоечки сомнеж, туку да се запознаеме какви сме, какви биле нашите претци и да се прифатиме како такви – храбри, чесни, човечни и, пред сѐ ЕДИНСТВЕНИ!