Путин во Техеран на трилатерална средба со Ердоган и Реиси

Претседателот на Русија, Владимир Путин, вчера беше во главниот град на Иран, Техеран каде се сретна со иранскиот и турскиот претседател, Ибрахим Раиси и Реџеп Тајип Ердоган.

Трилатералниот самит е по повод државите гаранти на процесот од Астана, на кој беше утврден т.н. Астански формат како механизам за решавање на сириската криза. Членките на Астанскиот формат се токму Русија, Иран и Турција.

Претседателот на Русија, Путин прво се сретна со претседателот на Иран, Реиси. На средбата е најавена соработка на руски и ирански нафтени компании во вредност од 40 милијарди долари. После овој состанок, следеше средбата на рускиот претседател Путин со врховниот лидер на Иран, Сејед Али Хосеини Хаменеи.

Потоа, Владимир Путин имаше средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, каде двајцата претседатели разговараа за тековната сириска криза, како и за специјална воена операција на Русија во Украина која исто така сеуште е во тек.

На средбата со Ердоган, путин изјави дека главните прашања за жито на Црното Море се решаваат и дека ќе продолжат во добра насока се со цел непречен транспорт на храната низ светот.

Меѓу другото, на крајот од трилатералниот самит, рускиот претседател Владимир Путин објави дека Русија, Иран и Турција усвоиле заедничка изјава во однос на Сирија и тамошниот конфликт. Според Владимир Путин, во заедничката изјава се наведува дека сириската криза може да се реши само по дипломатски пат.

Како што изјави претседателот на Иран, Ибрахим Реиси, Русија, Иран и Турција потврдија дека територијалниот интегритет на Сирија мора да се зачува. Според него, следните консултации во врска со ова прашање ќе се одржат до крајот на годинава, во Русија.

Главните изјави на Путин од средбата во Техеран беа следни:

  • Напорите на Русија, Иран и Турција за решавање на сириската криза се генерално ефикасни;
  • Трите нации треба да преземат мерки за промовирање на дијалогот во Сирија
  • Секое присуство на ИСИС и други терористички групи во Сирија мора да се искорени.

На крајот, рускиот претседател, Владимир Путин, лидерите на Иран и Турција ги покани во Москва, како дестинација на следната трилатерална средба.