Промоција на романот ‘Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)’ од Дијана Петрова во Градска Библиотека ’Браќа Миладиновци’

Утре (среда) 31.05 со почеток во 19 часот во Градска Библиотека ’Браќа Миладиновци’ ке се одржи промоција на романот „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ од Дијана Петрова .

XIX век во Струга, Митра Миладинова и Султана Миладинова, поттикнати од понудената поддршка на рускиот славист Виктор Иванович Григорович, почнуваат дело, кое, како што се развива, станува сè подлабоко и посериозно.

Неколку жени перачки кои се сретнуваат на реката, првпат почнуваат да зборуваат за тоа каков би бил светот кога би им се дало глас на жените. Покрај реката почнуваат да учат да читаат и да пишуваат, стануваат учителки кои го шират почнатото таинствено дело низ сечиј дом и душа. Стануваат своевидни интелектуалки кои наоѓаат начин преку анонимно објавувани статии во весниците да допрат до светот. Против неправдата која неколку векови ги обвивала сите, почнуваат да зборуваат и да се борат со дело кое му пркоси на времето и на заборавот.

Живеењето и дејствувањето во сенка излегува на светлина кога се дознава за Тајното женско училиште – Ученољубие.

____________________

Дијана Петрова е родена на 8 април 1992 година во Делчево. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Досега ги објавила романот „Бдеењето над себе“ и збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“. „Излегувањето од сенка (Тајното женско училиште)“ е нејзина трета објавена книга.