‘Идентитетот бетон’ – ОН налагаат наместо „македонски јазик“ да се употребува терминот „јазикот на РСМ“

Неименувани извори за „Нова Македонија“, од Организацијата на Обединетите нации (ООН), изјавуваат дека во инструкцијата до службите на Секретаријатот се вели дека мора да се „избегнува“ терминот „македонски јазик“, во согласност со општиот став дека терминот „Македонија“ и сите деривати од овој термин не смеат да се употребуваат. Понатаму се додава дека од оваа година категоријата „македонски јазик“ ќе се користи за „антички македонски јазик“, за што веќе Грците прават напори да ги убедат ОН дека станува збор за дијалект на античкиот грчки јазик.

Истиот извор појаснува дека во ООН постои забрана (таканаречена – „BAN“) за зборот „Македонија“ и сите изведени деривати од овој термин (македонски/ска/ско), што од претходниот месец важи и за јазикот.

Универзитетскиот професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, тврди дека тоа се јасни сигнали и индиции во еден процес за деноминирање на македонскиот идентитет, а во таа насока ја гледа и интерната одлука во ОН да се избегнува терминот „македонски јазик“.

Преспанскиот договор е контракултурен акт, чин со кој се вршат произволна акултурација, контракултурација и деградација, врз основа на моделот вграден во самиот договор со кој се спроведува културна хегемонија и културна дискриминација на перманентна основа. Ваков контракултурен модел, содржински поседува норми и за културна асимилација и целосно ништење или деградирање на културниот идентитет на еден народ независно каде живее (во Грција, кај нас или каде било во светот). Ова е модел на културен холокауст – заклучува професорот Јанев.

„Нова Македонија“ по трагата на оваа информација се обиде да добие одговор и од македонското министерство за надворешни работи, како и од Обединетите нации, но по повеќе од една недела ниту една институција не се јави да ги потврди или да ги негира ваквите наводи.

Дали со институционалниот молк на службите на ООН и на нашето МНР се потврдува веродостојноста на информацијата?

(*извор: Нова Македонија)