До вечните ироничари – иронијата на Гаврило Принцип, Георги Димитров, априлските демонстрации во 1941 година и НОБ

  • Пишува: Амар Мециновиќ – Портпарол на Политичката партија Левица.

Во раната пролет 1941 година, молскавичниот напад на нацистичката индустрија за смрт и поробување врз нашите народи на Југославија, беше разврска на силно спротиставени историски процеси. На идеологијата на иднината, наспроти идеологијата на мракот.

За илустрација:

-Националната држава во Западна Европа, е резултат на победата на буржоазијата врз аристократијата. (во другите делови на светот може да не биде така, и националната држава да биде инструмент во рацете на пролетеријатот против империјализмот);

– Таа претставува компромис помеѓу националната буржоазија и пролетеријатот во државата;

-Во Првата светска војна, победува буржоазијата над старите начини, истовремено се формира прва работничка држава – СССР;

– Работничкото движење има постојан континуитет уште од француската револуција;

-Фашизмот е реакција против работничкото движење, за задржување на старите начини;

-Мојот омилен аргумент на светот: дека нацистите и комунистите се дел од истата социјалистичка идеологија, ако сме глуви на тоа кој прв се наоѓал на острицата на фашистичките држави: Евреите и комунистите, се главните непријатели во нацистичката илузија;

Георги Димитров, драги ироничари, е синтеза на нашата приказна и поголемиот историски процес, бидејќи со лажирањето на палењето на Рајхстагот во Берлин за кое е обвинет Димитров, нацистите успеваат да се консолидираат на власт, додека истовремено е главен непријател на михајловистите. Токму тој пак, Георги Димитров, придонел македонскиот народ да биде дел од секое идно решение на балканското прашања во рамките на плановите на Коминтерната, како и тоа што го потпишал Бледскиот договор со кој се предвидувало припојување на пиринскиот дел кон НР Македонија. Чим се замарал со ова, за ироничарите веројатно звучи како да е глуп сељак.

КОГА СМЕ КАЈ СЕЉАЧКОТО, Балканот е центар на империјалистички судири во периодот на раѓањето на националните држави, расчеречен помеѓу Отоманската и Австроунгарската империја што не дозволувало раѓање на држава на јужните словени. Оваа фрустрација кулминира со Гаврило Принцип чиј истрел завршува со паѓањето на четири империи, на двете со балканско влијание, како и на германската и руската, и конечната победа на бољшевиците.

Следните неколку децении, се карактеризираат по цветањето на фашизмот во континенталните држави, како и на грозоморноста на островската империја. Во тоа време расизмот, ксенофобијата, мизогинијата и мизантропијата идеолошки се втемелуваат во јадрото на политичкото дејствување на естамблишментот на капиталистичките држави. Во меѓувреме, во 1936 година во СССР се носи, во тоа време најпрогресивниот Устав во кој се претпоставуваат колективни права, кои предвидуваат и коренизација, т.е. право на самоопределување на сите народи во земјата.

После Втората светска војна, поради геноцидалната природа на нацизмот и фашизмот кои ги подредуваат луѓето во квалитативни категории, Обединетите Нации се втемелуваат во голема пропорција на идеите на човековите права. Но, за разлика од СССР, земјите од Западна Европа и Северна Америка кои и понатаму имале свои колонии, извлијаеле за во Универзалната декларација на човековите права од 1948 година, да не се внесе колективното право на самоопределување затоа што тоа по нивно видување, им припаѓало само на „зрелите нации“.

Правото на самоопределување и диктирање на сопствената судбина за народите, конечно се внесува во повелбата на ОН во 1966 година, како победа на блокот држави на СССР и глобалниот југ и победа над колонијализмот. Иронично, една од тие „зрели нации“, која победила во Втората светска војна е и македонската, заедно со сите народи и народности на ФНР Југославија.

Зрелоста на македонската нација, иронично, почива на победата над михајловизмот, врховизмот, четниците, усташите, балситите, италијанските фашисти, вермахтот и домашните колаборатори. Замислете, животот да ви го прекине конфликт како Втората светска војна, која ќе ви одземе четири години од животот, членови од семејството, пријатели и познаници. Но, кога кралска Југославија го потпишала пактот со нацистите, народот во априлските демонстрации се определил за војна, наместо пакт. Нешто што веројатно на денешните ироничари би им делувало сељачки и затуцано.

Социјалистичките држави од Источна Европа, се држави во кои се гарантирало дека луѓето кои ја преживеале војната, ќе можат достоинствено да го продолжат својот живот, без да бидат дискриминирани, линчувани и убивани поради карактеристиките на нивната личност.

Македонската и југословенската идеја се прогресивни, драги ироничари.

Георги Димитров вели „Најголем непријател на македонското движење е фашизмот и бандата на Михајлов!“. Сега, во ново време, на апсолутна доминација на капиталистичкото производство кое го возобнови империјалистичкиот однос на западот кон истокот, во Македонија се отвара клуб кој го носи името на Ванчо Михајлов.

Сето ова не е случајно, затоа што за Македонија се врзува врховизмот како ендемски вид на фашизам за ова подрачје. Како усташите кои се воделе од Рим, така врховистите се воделе од Софија, со фашистички апетити. Секако, двете братски движења, заедно со фашизмот и нацизмот со Нирнбершките процеси се криминализираат.

Но, зошто им е на ироничарите ова толку иронично?

Од две причини. Првите, го бранат својот класен интерес. Просто, имаат буржујски или ситно-буржујски интереси, на кои не сакаат да им наштетат идеите на редистрибуција и окончување на економските антагонизми. Вторите, се продукт на отуѓеноста во капитализмот, која предизвикува отапеност на класната свест, и преку поистоветување со производите на капитализмот и вредностите кои ги имплицира, стануваат подлежни на ревидирана историја со спротивен наратив од вистинскиот.

ПРАШАЊЕТО ЗА СИТЕ НАС : зошто дозволуваме ревизија на идеите на фашистички дејци, кои се однесуваат на разнебитување на државата во која живееме? Секако, симболиката на тоа што се случи вчера, е одговор на ова прашање. Инфантилноста на анационалноста кога живеете на периферијата на Европа, во која АКТИВНО дејствуваат процеси на фашистичка политика е неоправдана.