Левица: MOK со барање од скоро 4 милиони денари финансиска помош од Општина Аеродром

  • Реакција на Левица – Сектор Спорт

Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) поднел дури три барања за финансиска помош на Јавниот оглас на Општина Аеродром за користење средства од буџетот на општината. МОК аплицирале во три категории:

I Доделување финансиска поддршка на спортските клубови и спортските здруженија, кои извршуваат јавен интерес за развојот на спортот во Општина Аеродром;

II Доделување финансиска поддршка за организирање и реализација на спортски манифестации кои претставуваат јавен интерес за развојот на спортот во Општина Аеродром; и

III Доделување финансиска поддршка за развој на женскиот спорт во Општина Аеродром.

Бесрамна, неморална и неетичка е оваа постапка на МОК, кој се поставил во улога на небаре општински клуб или здружение кое финансиски е загрозено и има потреба од парична помош од општински буџет.

МОК добива повеќе милиони од ИОК (Интернационалниот Олимписки Комитет), финансии за кои немаме транспарентен отчет каде се трошат, а со оглед на тоа што тие не се под директна контрола на АМС како и фактот што до неодамна дури беа и регистрирани како верско здружение, а со цел да ги уживаат привилегиите на верските заедници во даночниот систем, МОК на секој можен начин со ваквото однесување, буквално се исмејува и гази преку државното уредување на Република Македонија, без да дава отчет пред институциите.

МОК е институција која треба да дава финансиска и секој друг вид на помош на спортистите, а не самата таа да се сведува на ниво на општинска организација која треба да биде поддржувана од народните пари од општински буџет.

Од една страна имате клубови и спортисти кои имаат врвни успеси и сепак не можат да се најдат на листите на стипендисти или да добијат макар минимална поддршка од општините, додека од друга страна имате институција како МОК, која буквално со НИШТО нема придонесено за подобри услови во спортот во Македонија.

Освен за полнење на сопствениот домашен буџет на тесното раководство на МОК од исти тројца-четворица добро познати и озлогласени меѓу целокупната спортска јавност, ќе најдете стотици спортисти кои имаат поплаки од нивната злоупотреба

– МОК е институција која треба да обезбедува помош за клубовите и спортистите, а не таа да бара финансии од општини.

МОК работи на централно ниво, а не на општинско!