Масларковски: Нека не се плаши Македонецот да го носи Сонцето од Кутлеш

Раперот Жарко Масларковски од Пука Козметика кој на прославата на втората европска титула на Вардар, на грбот го носеше Сонцето од Кутлеш заради што доби прекршочна пријава од полициски службеник, објави дека „го победиле Преспанскиот договор“ и добиле ослободителна пресуда додавајќи „Нека не се плаши Македонецот“.

„На наведената дата, време и место, пријавениот истакнувал знаме кое што не ги содржи обележјата утврдени со закон, по што од страна на полициски службеник од ПС ОН Центар Скопје, при вршење на служба на пријавениот му била издадена наредба да се престане со нарушувањето на јавниот ред и мир, на што истиот се оглушил на наредбата, со што постапил на наредбата на овластено службено лице на државен орган.“ – Се вели во обвинението.

Раперот е обвинет за истакнување на знамето на настан кој бил спонтан собир на граѓани плоштадот Македонија со цел да го прослават големиот успех на македонскиот ракометен великан. Тој на втори јуни во 22 часот и 40 минути бил нотиран од полициски службеник поради знамето. Тоа беше и причина да присуствува на неколку судски рочишта.

„Жарко Масларковски од Скопје – Аеродром се повикува да се јавни лично во Основен Суд Скопје 1- Скопје, заради испитување во својство на обвинет, за прекршок Постанување спротивно на наредба по член 18 и член 14 од Закон за прекршоците против јавниот ред и мир, пишува во поканата за суд.“

Причината за да биде поднесената пријава од страна на полицискиот службеник за користење на првото официјално знаме по независноста на Македонија доаѓа со потпишувањето на договорот од Нивици. Овој договор беше потпишан под покровителство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, додека потписите ги ставија министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Вчера, од телевизија Алфа објавија вест во која се вели дека „Сонцето од Кутлеш може да ве чини 200 евра“, по што на социјалните мрежи се огласи и раперот Жарко Масларковски, кој тагирајќи го својот адвокат соопшти дека тие го победиле „Преспанскиот договор“ и добиле ослободителна пресуда.

„Стари кажи му на другарот Матеја дека го преебавме переспански договор на суд и добивме ослободителна пресуда за носење на Кутлеш на сопствен грб!!! Нека не се плаши Македонецот борбата за Македонија продолжува!!!“