Кина ја засили својата реторика против НАТО

Во услови на војна во Украина, Пекинг ја посочи западната воена алијанса како основна причина за конфликтот и се чини дека ќе ги интензивира своите критики. Рид Стендиш

Кина сѐ повеќе ја гледа војната во Украина – и улогата на САД и нивните сојузници во НАТО во поддршката на Киев против Москва – како одраз на идните тензии што ќе се појават меѓу воениот блок и Пекинг во Индо-Пацификот.

Откако руските тенкови првпат влегоа во Украина на 24 февруари, Пекинг ја помина непријатната линија помеѓу недавањето целосна поддршка на инвазијата на Москва, истовремено обвинувајќи ги Соединетите држави и другите земји на НАТО за провоцирање на војната, дозволувајќи и на безбедносната алијанса да се прошири кон исток и покрај протестите од Кремљ.

„НАТО во последниве години дојде во азиско-пацифичкиот регион за да ја фрли својата тежина и да поттикне конфликти“, изјави Ванг Венбин, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, кон крајот на април, додавајќи: „НАТО ја збрка Европа. Дали сега се обидува да го замрси Азиско-Пацифичкиот регион, па дури и светот?“

Коментарите на Ванг беа одговор на претходните забелешки на министерката за надворешни работи на Британија Лиз Трус, која повика на зајакнување на НАТО по војната во Украина и ја предупреди Кина дека треба да „игра според правилата“.

Дополнителниот фокус врз НАТО од Пекинг доаѓа кога и Кина и Соединетите држави ја гледаат руската инвазија како фолија за идните тензии меѓу двете земји во Азија.

НАТО во минатата година соопшти дека има намера да се фокусира повеќе врз Кина и дека Пекинг се очекува да одигра голема улога во стратегијата на блокот што се движи напред.

Исто така, Вашингтон е сѐ повеќе убеден дека конфликтот му обезбедува неочекувана предност на долг рок, при што Блумберг на 10 мај објави дека американските власти веруваат оти зголемените европски трошоци за одбрана и ослабената Русија би можеле да му дозволат на НАТО да го забрза безбедносното поместување кон Кина.

Тие цели се дел од заедничката недоверба кон НАТО и Соединетите Американски Држави, што ги доведе Пекинг и Москва да се зближат во последните години и зошто многу аналитичари веруваат дека Кина не ја напушти Русија во текот на нејзината брутална војна во Украина.

„Ако Кина му се придружи на Западот во осудата на Русија, ќе биде многу пофалена во Вашингтон и во повеќето европски престолнини. Но, таа ќе го изгуби партнерството со Русија“,

напиша полковник Џоу Бо, пензиониран офицер на Кинеската армија за Економист на 9 мај, додавајќи:

„И само прашање на време е кога Америка повторно ќе се соочи со Кина. Политиката на администрацијата на Бајден кон мојата земја е „екстремна конкуренција“ која запира само пред војна“.

Паралелите помеѓу стратегијата на САД во Индо-Пацификот и проширувањето на НАТО во Европа не се нови, при што и Кина и Русија ја подвлекуваат оваа точка во заедничката изјава од 5.000 зборови што ја објавија во февруари годинава кога кинескиот претседател Си Џинпинг и неговиот руски колега Владимир Путин прогласија партнерство „без ограничувања“.

Документот го изразува нивното противење на „понатамошното проширување на НАТО“ и ветува дека „ќе останат многу внимателни во врска со негативното влијание на индо-пацифичката стратегија на САД“.

Сепак, војната во Украина треба да влијае врз регионот, при што кинескиот заменик-министер за надворешни работи Ле Јученг во март рече дека кризата може да се искористи како „огледало“ за да се види безбедносната ситуација во азиско-пацифичкиот регион.

За администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, потегот кон Азија се смета за критичен и многу задоцнет.

Но, додека и американските и кинеските официјални лица гледаат паралели помеѓу војната во Украина и зголемените тензии во Азија, секој од нив извлекува различни лекции.

Американските власти продолжуваат да ги гледаат зголемените трошоци за одбрана во Европа, како и Финска и Шведска на пат кон членство во НАТО, како позитивни безбедносни случувања што би можеле да им овозможат на САД да го следат своето долго одложувано „вртење кон Азија“.

Таа политика првпат беше зацртана од американскиот претседател Барак Обама и потегот се смета за неопходен, бидејќи американските политички кругови сѐ повеќе ја гледаат Кина, а не Русија, како главен воен противник на земјата.

Кинеските официјални лица и експерти, сепак, доаѓаат до различни заклучоци од рефлексиите што ги гледаат во Украина. Пекинг – и особено Си – долго време ја поддржуваат „стратешката автономија“, концепт наметнат од францускиот претседател Емануел Макрон кој ја повикува Европа да игра понезависна улога во својата одбрана, која помалку се потпира врз САД.

Во разговорот со Макрон на 10. мај, Си го турна францускиот претседател и другите европски лидери да ја преземат безбедноста „во свои раце“, повторувајќи ги претходните коментари од повикот на 9. мај со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Додека долгорочните импликации од војната во Украина се сè уште неизвесни, како што е иднината на европската „стратешка автономија“, Пекинг сѐ повеќе се чини дека верува оти тоа може дополнително да го одложи американското стратегиско вртење кон Кина и да доведе до трајна поделба меѓу европските и НАТО сојузниците.

„Џо Бајден се надеваше дека ќе ја постави руската политика на ‘стабилна и предвидлива’ основа за да се фокусира врз американската индо-пацифичка стратегија. Војната во Украина несомнено ќе го одвлече вниманието на Америка и ќе ги расфрли ресурсите“,

напиша пензионираниот кинески офицер Џоу, заклучувајќи:

„Прашањето е… до кога Бајден ќе ѝ дозволи на Украина да го одвлекува вниманието?“

*Преземено од Радио Слободна Европа