Мексикански активисти бараат одговорност од Канада за убиство на активист против рудници

Семејството на убиениот борец против рудници, Мариано Абарка, присуствуваше оваа недела на сослушување во канадскиот федерален суд заради убиството кое се случи во 2009 година. Абарка беше најистакнат лидер во борбата за заштита на животната средина, кој се бореше за затворање на рудникот од канадска корпорација, лоциран во Чикомусело, општина во мексиканската држава Чиапас.

Повеќе организации за заштита на животната средина и човекови права побараа од властите да отворат темелна истрага за канадската амбасада во Мексико, која според нивните тврдења, придонела за загрозување на животот на Абарка.

„Документите откриваат суштинската улога на канадската амбасада во олеснувањето на работата на рудникот”, рече Абарка и додаде дека “татко ми бил убиен затоа што јавно зборувал против еколошките и општествените штети кои ги предизвикува рудникот. Канадската амбасада во Мексико е одговорна за притисокот кој го врши врз нашите политичари за да ја поддржат канадската компанија и да ги контролираат протестите на народот”.

Претходно, во февруари, семејството Абарка поднесе слична петиција до канадскиот комесар за интегритет во јавниот сектор, кој имаше 90 дена да одлучи дали да ќе го испита случајот или не. Канадскиот комесар го одби барањето. Патрик Бендин, адвокат на Правниот совет на Одделот за правда, ја бранеше одлуката на комесарот, тврдејќи дека владината корпоративна општествена одговорност и нејзините политики поврзани со рударската индустрија, кои беа цитирани во сведочењето на јавните службеници во канадскиот парламент, не се “официјални позиции” и поради таа причина јавните службеници не можеле да ги прекршат.

Актуелизирањето на убиството на Абарка доаѓа во момент кога новата влада на Мексико, предводена од Андрес Мануел Лопез Обрадор, ѝ најави на меѓународната рударска заедница дека ќе има поголем надзор врз работењето на странските рударски корпорации.