АктуелноЛокално

Левица до Ковачев: Ако пресудите на Европскиот суд не се спроведуваат, пресудата на македонскиот суд мора да биде извршена

По изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев посветена кон Левица во која вели „ако го цитирате Ванчо Михаилов, станувате криминалец“, од партијата излегоа со остра реакција.

Левица наведе дека за разлика од пресудите на Европскиот суд за човекови права (досега 16), донесени против Бугарија заради притисок и одбивање да ги регистрира македонските здруженија и партии, пресуди кои не се спроведени од бугарска страна, доколку македонскиот суд утврди вина кај обвинетиот, оваа пресуда ќе мора да биде извршена.

Во прилог целата реакција на Политичкатапартија Левица.

По поднесената кривична пријава од Левица против претседателот на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, заради која пријавениот се терети дека извршил кривични дела „Излагање на подбив на македонскиот народ“ и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ се огласија и бугарските европратеници.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, коментирајќи ја кривичната пријава поднесена од Левица, СО ЦЕЛ ДА ИЗВРШИ ПРИТИСОК врз судската власт, истакна дека македонската Влада треба да го заштити претседателот на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, кој веројатно смета дека промовирањето на фашистичките колаборатори, глорификацијата на нивното дело, идеи и цитирањето на нивните мисли во Македонија треба непречено да продолжат.

Но, она што го прави овој случај уште поинтересен е фактот што истиот ќе биде следен од меѓународната заедница.

Причината за тоа е неговата специфичност, односно, доколку македонскиот суд не утврди вина, практично, не само што ќе овозможи непречена промоција на фашистичките идеи ширум државата, дополнително таквата пресуда би била преседан, кој што не е својствен за земјите на европскиот континент после Втората светска војна.

За разлика од пресудите на Европскиот суд за човекови права (досега 16), донесени против Бугарија заради притисок и одбивање да ги регистрира македонските здруженија и партии, пресуди кои не се спроведени од бугарска страна, доколку македонскиот суд утврди вина кај обвинетиот, оваа пресуда ќе мора да биде извршена.

Потсетуваме, во насока на заштита на македонските национални интереси и превентивно делување против појавата на глорификација и промоцијата на (нео)фашистички идеи, кои се почесто можат да се сретнат во јавниот дискурс, Левица поднесе Предлог-резолуција против рехабилитација и глорификација на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици, која очекуваме македонското Собрание што поскоро да ја усвои.