Левица поднесе Резолуција против фашизмот во Собранието на Република Македонија

На денешното одбележување на Денот на победата над фашизмот, членот на Президиумот на Левица – Реџеп Исмаил, изјави дека пратениците на Левица поднесоа Резолуција против глорификацијата и рехабилитацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици до Собранието на Република Македонија.

„Во Резолуцијата детално се укажува на состојбите при кои во Република Македонија, преку историски ревизионизам и учество на јавни настани, собири, свечености и прослави, од страна на групи и поединци, се промовираат и актуелизираат мегаломанските идеи за големи држави со што се шири нетолеранција, меѓуетничка и национална нетрпеливост.

Воедно, во Резолуцијата се предвидуваат мерки и постапки, кои, Владата на Република Македонија, потребно е итно да ги превземе за да ја спречи појавата и ширењето на ваквите штетни и мрачни идеи и идеологии кои ги воскреснуваат идеите на фашистичките окупатори на Македонија од времето на Втората светска војна, со кои сериозно се загрозува националниот идентитет и безбедноста на македонскиот народ.” – потенцира Исмаил.

Делегацијата на Левица, предводена од членот на Президиумот на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, положија венец, оддавајќи почит на хероите, кои како борци во Народноослободителната војна, го ослободија македонскиот народ од јаремот на фашизмот.