Трајковски: Инфлацијата помина, штетите останаа – Парите изгубија 23,3% од нивната вредност

  • Анализа на професорот од Техничкиот факултет во Битола – Дејан Трајковски

Врвот на инфлацискиот бран помина, но штетите останаа – така накратко можеме да ги резимираме инфлациските случувања, мерени преку растот на трошоците на животот.

Не навлегувајќи во фундаментални разгледувања, применувајќи чисто техничка анализа на месечните стапки на инфлација (на дијаграмот на првата слика), добиени од месечните индекси на трошоците на животот според класификацијата COICOP (извор: Државен завод за статистика), можеме да заклучиме дека ја преминавме точката на најголема болка, односно најбрзиот месечен раст на трошоците на животот. Врвот беше достигнат во месец јуни 2022 година, кога месечната промена на цените изнесуваше 2,77%, а оттогаш започна стрмото намалување на растот.

Во мојата последна прогноза од октомври 2022 година предвидувањето беше дека околу март 2023 месечната стапка на инфлација би требало да се спушти до колу 0,25% месечно, односно просечно околу 3% годишно. Падот беше стрм, па дури имаше и два месеци со негативна инфлација, но задоволството не траеше долго.

На вториот дијаграм (месечната инфлација со 3-месечно усреднување) поубаво се гледа падот на инфлацијата, но за жал истата не успеа да се задржи на тоа ниско ниво. Последните месеци одново забележуваме зголемување, иако не толку алармантно како минатата година. За оваа појава има логично објаснување, а тоа е дека претходните повисоки цени на суровините и стоките се вградуваат во новите цени, па затоа намалувањето секогаш е постепено, односно во форма на надолна опашка.

Инаку Државниот завод за статистика, како и информативните медиум секогаш ја објавуваат 12-месечната стапка на инфлација (на третиот дијаграм), којашто претставува индикатор со големо задоцнување. Моментално (на крајот од јуни 2023год.), 12-месечната стапка на инфлација изнесува 9,29%, но таа во себе го содржи и растот на цените од ланскиот јуни, кога инфлацијата беше на рекордно ниво. Поради доцнењето, не се забележува последниот скок на инфлацијата, туку се уште следиме бавен пад.

Дијаграмот што никој не ни го покажува е кумулативната инфлација (на четвртата слика), односно движењето на цените започнувајќи од февруари 2020, непосредно пред избувнувањето на корона-кризата и кризата во Украина, кога започна инфлацискиот удар. Доколку општото ниво (индексот) на цените на крајот од месец февруари 2020 година го усвоиме да биде еднаков на 100 (во пресекот на двете зелени линии), забележуваме дека агрегатно цените (мерени преку индексот на цени на мало – таканаречен Consumer Price Index – CPI) пораснале вкупно за 30,4%, односно индексот достигнал вредност 130,4.

Куповната моќ на нашите пари сега изнесува 100/130,4 = 76,7% во однос на 2/2020 година, односно парите изгубиле 23,3% од нивната вредност, односно куповната моќ. За нијанса помалку изгубиле вредност парите орочени во банките на долги рокови и парите во пензиските фондови, но дури и со годишен принос од 3% (9% за 3 години) нашите пари изгубиле најмалку 13% од вредноста.

Во следните неколку месеци инфлацијата би требало да изнесува околу 5%-6%, па со граѓанската обврзница, чиј принос изнесува прилично високи 5% одвај ќе успееме да ги зачуваме парите од обезвреднување, односно реалната каматна стапка ќе биде околу 0%.

Ако инфлацијата опадне на 2% годишно, со принос од 5%, под услов да се задржи на тоа ниво, ќе ни требаат најмалку 5 години да закрепнеме, односно да ја повратиме куповната моќ на заштедите и пензиските фондови на ниво од пред кризата.

За жал поверојатно е дека нашите власти, штитејќи го крупниот капитал и екононијата (од кои многумина, патем кажано, профитираа од инфлацијата) , ќе ги намалат каматните стапки, а нашите пари во пензиските фондови (во вториот и третиот столб) ќе останат засекогаш обезвредени за најмалку 15%.