Ексклузивно од Мариупол – Сталинград во 21 век

  • Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Мариупол, град на Азовското море во регионот Донбас, Украина, град од стратешко значење, околу два месеца е во центарот на светското внимание. Ширум светот граѓаните на малите екрани на телевизорите, своите телефони, компјутери и лаптопи, како и на радијата, гледаат и слушаат безброј информации за битката за Мариупол, како и за ситуацијата во и околу Мариупол. Како и сите во светот и јас ги следев сите информации за Мариупол, и посакував да се најдам во Мариупол, за да можам во прво лице и со свои очи да се уверам што точно се случува во Мариупол. И таква шанса ми се укажа.

Добив повик од Министерството за одбрана на Руската Федерација, дали сакам да бидам дел од нивната нова прес тура на Донбас. Без размисливање одговорив потврдно. Се спакував и повторно со воз се упатив во Ростов на Дон. 16 часовно патување со современ воз на два спрата по бескрајните простори, степи и преубавата природа на Русија. Во возот познати лица, новинари од разни држави. Разговори на разни теми, но главниот разговор кои населени места ќе ги посетиме и дали тоа ќе биде Мариупол.

Во Ростов на Дон во 2 часот наутро 28-ми април се собравме сите странски новинари, почнувајќи од неколку новинари од Франција, од САД, од НР Кина, од Германија, од Саудиска Арабија, од Турција, од Сирија, од Македонија, од Босна и Херцеговина, од Грција, од Венецуела и од Индија. Во автобусот на пат кон Донбас ни беше објавено дека прва точка каде што ќе работиме ќе биде Мариупол. Во автобусот беше и фотограф кој што потекнува од Мариупол, и неговата мајка за време на целата битка за Мариупол се наоѓала во градот. Тој ни раскажа за се што неговата мајка видела и доживеала и тоа се разликува од тоа што на Западот се прикажува.

Ни беа дадени инструкции што смееме а што не смееме да правиме, како и инструкции за нашата безбедност. Јасно ни беше кажано своите телефони да ги ставиме во авиорежим за време на целата прес тура. Ја поминавме границата помеѓу Русија и Доњецката Народна Република и во придружба на припадниците на Силите за специјални операции на Русија се упативме кон Мариупол. На границата за влез во Донбас на правец кон Мариупол чекаа повеќе од 100 камиони со хуманитарна и медицинска помош. Во 6 наутро веќе бевме во полињата во близина на Мариупол, и пред нас се отвори панорама на градот, во далечина се гледаа белите згради, како и оџаците на мега фабриките. Освен црниот дим кој што се креваше од една фабрика, како и звуците и силуетата на борбен авион кој што леташе над Мариупол ништо не навестуваше дека во градот се водени жестоки борби. Населените места во околината на Мариупол се цели, никакви оштетувања или докази дека се водела војна, а жителите од населените места во полн ек се занимаваа со пролетната сеидба, како и со своите градини.

Но, на влезот на Мариупол можеше да се забележи дека се водени тешки борби, од двете страни по патот се наоѓаа уништени одбранбени линии и уништена воена техника, оштетени станбени згради, а на главниот пат се наоѓаа уништени автобуси и камиони за превоз на руда, кои што биле користени како барикади за да се спречи напредувањето на руската и доњецката армија. Возејќи се низ Мариупол можеше да се забележи дека има делови кои што практично и не се општетени, пред се куќи, но и дека има делови кои што сериозно се оштетени, пред се високите згради и фабриките. Некои од нив се практично разрушени и не можат да се обноват. Голем број на зградите од советскиот период, познати како Хрушчовки, се полесно или потешко оштетени, од искршени стакла, па се до изгорени и разрушени станови. Но голем број од улиците беа расчистени, а на одредени делови од улиците беше собрано различно ѓубре, градежен материјал, стакло.

Стигнавме до назначената точка, кварт станбени објекти, со детска школа во близина. Станбените објекти беа цели и функционални, а пред објектите се наоѓаа станарите на тие објекти, кои што на импровизирани кујни на земја готвеа разни јадења и разговараа помеѓу себе. Некои од нив си играа со своите кучиња, а дел се упатија кон школата каде што се наоѓа пункт за хуманитарна и медицинска помош. Во близина на школата се наоѓаа и неколку импровизирани гробови, во кои што се погребани неколку граѓани на Мариупол. Сето тоа наликуваше на кадри после Втората Светска Војна, или на кадри од Сирија и Ирак за време на граѓанските војни од пред неколку години. Околу школата се наоѓаа голем број на граѓани, кои што чекаа да добијат хуманитарна помош, но и да поразговараат со лидерот на Доњецката Народна Република, со новиот градоначалник на Мариупол како и со неговиот тим за својата иднина, како и за иднината на Мариупол.

Многумина од граѓаните се радуваа на пролетното сонце. Околу школата беа распоредени три камиони со хуманитарна помош како и две цистерни со вода. Целиот кварт беше обезбеден од страна на руската армија, но во градот не беше забележливо големо присуство на руската и доњецката армија. Основните единици се околу мега фабриката Азовстал, каде што се наоѓа последниот бастион на нацистичкиот баталјон Азов.

Локалните жители беа расположени за разговор, но не и да бидат снимени и фотографирани, бидејќи многумина се плашат. Голем број на граѓани ги раскажуваа своите потресни и тажни приказни. Млада мајка со својот едногодишен син чекаше во ред да добие хуманитарна помош и да поразговара со новите власти. Таа ја раскажа својата потресна судбина. Со својот маж и со својот син се криеле во скривница. Нејзиниот маж еден ден излегол да наполни вода, и во тој момент паднала мина, и мажот и загинал од шрапнелите. Таа била приморана сама да го закопа својот маж во дворот. Со солзи во очите раскажа дена не знае што понатаму, и како ќе го прехрани својот син. Во воениот штаб во реонот каде што живее и барале од 10 до 15 000 илјади гривни за да го погребаат нејзниниот маж на градските гробишта.

Главниот на реонот каде што живее и рече дека тоа е противзаконски, и дека сите кои што загинале за време на битката за Мариупол ќе бидат погребани на градските гробишта бесплатно. И даде ветување дека одговорните кои што и барале пари ќе бидат казнети согласно воените закони. Заедно со неа и со нејзиниот син се упатија во воениот штаб за да го решат проблемот.

Две млади девојки раскажаа како ја преживеале битката за Мариупол. Едната цело време се криела во скривниците, а другата цело време останала во својот стан, и покрај тоа што станот од другата страна на зградата наспроти неа бил погоден од тенковска граната. На прашањето зошто не се криела во скривниците, ми одговори дека Господ цело време бил со неа и ја штител. Два млади брачни пара со своите деца ја раскажаа својата судбина за време на битката за Мариупол. Повеќе од 44 дена живееле во скривници, без електрична енергија, греење и вода. Спиеле на подовите, а децата на свеќи читале книги. Се радувале кога ќе падне снег или дожд, за да соберат вода за да се избањаат. Сами печеле леб и готвеле цело време. Целата ситуација посебно тешко ја доживеале децата. Среќни се што се живи и здрави, и што борбите во градот се завршени, и како резултат на тоа нема потреба да живеат во скривниците. Но не знаат што понатаму, фабриките Илич и Азовстал каде што работеле се оштетени или уништени. Се надеваат дека во градот час поскоро ќе бидат вратени во функција водоводот, гасоводот и електричната енергија, и дека ќе се создадат работни места, за да можат да се вработат и да ја хранат својата фамилија. Но не размислуваат да го напуштат Мариупол. Една стара жена бараше помош за нејзниниот маж кој што е неподвижен и на кој што му е потребна итна операција. Бидејќи операцијата не можеше да се спроведе во болницата во Мариупол, со болничко возило истиот беше испратен во Доњецк. Уште еден брачен пар кој што чекаше ред да наполни вода од војничките цистерни раскажа како ја преживеале битката за Мариупол. Работеле во фабриките Азовмаш и Илич, и по почетокот на битката се криеле во скривниците. Со нив биле и родителите од страна на жената. Татко и загинал кога излегол да побара храна, паднала мина во близина и му ги одсекла нозете и покрај тоа што се обиделе да му помогнат и се упатиле кон болницата, истиот искрварел и починал на пат до болницата. Биле приморани да го закопаат во паркот во близина на станбените згради. Бидејќи нивниот стан бил оштетен, сега живеат кај пријатели, но не знаат што и како понатаму во животот.

Дел од граѓаните изјавуваат дека тие се Руси и се рускојазични и дека се среќни што руската и доњецката армија се во Мариупол. Во редовите на доњецката армија војуваат и голем број на жители од Мариупол. Но дел од граѓаните изјавуваат дека тие очекувале Русија во 2014 година да го стори тоа што го сторила денес, и дека тогаш градот ќе паднел без борба, за разлика од сега, кога градот практично е уништен. А многумина не разбираат зошто сето ова се случува, зошто градот е уништен, и што понатаму. За сето тоа што се случува ги обвинуваат и Украина, и Русија, и НАТО.

Во следните неколку статии, за битката за Азовстал, интервју со Денис Пушилин и со новиот градоначалник на Мариупол, статија од Бердјанск, од Енергодар и од Запорожската нуклеарна централа, која што е најголема и најмоќна во Европа, како и од Мелитопол.