Изложба по повод 55 години Културно информативен центар – Скопје

По подолга пауза, Културно информативниот центар (КИЦ) се враќа со изложби и промоција на културните дејци и уметници. Новиот директор на КИЦ, Тони Димитров, преку оваа изложба, најавува само еден почеток на уште многу вакви поставки и освежување во македонскиот културен етер:

Со оваа поставка на младиот и перспективен уметник Давор Кешќец ја започнуваме серијата изложби која со нова енергија, ентузијазам, свежи идеи и јасна визија, ја најавува новата ера во работењето на Културно информативниот центар – Скопје. И сето ова под логото на големиот јубилеј на установата – 55 години Културно информативен центар – Скопје!

Изложбата „Once again“ на младиот уметник Давор Кешќец е изложба на која ќе бидат изложени слики, графики, мурали, инсталации како дел од неговото мултимедијално творештво, со преку 50-тина селектирани дела од досегашните негови изложби: Again, SHE, I S O L A T I O N, Blue Moon, Table.

Како што вели и самиот наслов „Once again“ (Уште еднаш), е изложба на која ќе бидат изложени дела кои веќе биле претставени во други изложбени контексти, но покрај досега изложените дела ќе се претстави и со нови дела од серијалот „Half a person“ (Половина личност). Поставени во нов контекст, овие дела, работени низ дивергентни медиуми, се репрезент на свежиот, чист и стилски уникатен поп арт пристап на Кешќец.