Кина се противи на можни воени интервенции против Венецуела

Кина го осуди можното вклучување во воени акции против Венецуела, со што им се придружи на Никарагва, Куба, Мексико и Уругвај, потврдувајќи дека Пекинг се спротивставува на каква било форма на мешање во внатрешните работи на Венецуела, вклучително и воена интервенција. Кинеската влада во понеделникот го повтори својот став со кој се противи на било каква надворешна интервенција против Венецуела, при најновиот обид на Организацијата на американски држави (OAS) за активирање на Меѓуамериканскиот договор за взаемна помош (TIAR), дел од Трумановата доктрина.

Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг ја повтори позицијата на кинеската влада

„Во однос на венецуелското прашање, Кина се придржува кон Повелбата на Обединетите нации и основните норми што ги уредуваат меѓународните односи и смета дека проблемот мора да се реши преку инклузивен политички дијалог и преговори, во рамките на Венецуелскиот устав“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Хуа Чунјинг.

На 11 септември, венецуелскиот министер за надворешни работи Хорхе Ареаза ја осуди иницијативата, која е поттикната од група регионални влади поддржани од Соединетите американски држави. „Болно е што земјите кои беа окупирани од трупите на Соединетите држави и чии народи беа масакрирани токму преку TIAR, одобруваат денес сличен злостор против братска држава, преку јасно нелегитимен состанок на ОАС“, стои во соопштението на Ареаза.

На Собранието на ОАС, 12 држави гласаа за спроведување мерки против Венецуела, тврдејќи дека земјата претставува „закана за безбедноста на регионот“, откако Колумбија ја обвини Венецуела за наводна заштита на вооружени групи на нејзината територија. Венецуела го отфрли ваквото обвинение заради недостаток на докази, тврдејќи  дека овие обвинувања се само изговор за воена интервенција.

TIAR е договор потпишан во септември 1947 година во Рио де Женеиро, Бразил. Договорот функционира како заеднички механизам за одбрана помеѓу земјите-членки на Организацијата на американски држави. Договорот беше наметнат  од страна на Соединетите држави за време на Студената војна, со цел легитимирање на воените интервенции во Латинска Америка кои беа мотивирани од идеолошки причини.

Јужно-американската држава се повлече од овој договор во 2013 година заедно со другите нации кои се дел од Боливиската алијанса на народите на наша Америка (АЛБА), вклучувајќи ги Боливија, Еквадор и Никарагва.

Сепак венецуелското Национално собрание, контролирано од про-пучистичката опозиција, кое е суспендирано од 2016 година, нелегално и противуставно го одобри повторното учество во Меѓуамериканскиот договор за взаемна помош на 23 јули 2019 година. Ваквиот чекор претставува флагрантно кршење на венецуелскиот Устав, бидејќи во членот 236 од истиот се вели дека за „ратификување договори и меѓународни спогодби“ е  надлежен претседателот, а не собранието.