А сѐ започна 1993 година со трогателно „наивните“ и „невини“ разговори (не преговори!)

Став на Љубомир Цуцуловски.


ДАЛИ Е ЈАСНО? После Извештајот на Европската комисија, како и после вчерашната посета на Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување и соседска политика на ЕУ, работите целосно стануваат јасни. Јасно е дека проблемот не е Бугарија, како што проблем не беше ни Грција или која било друга поединачна држава. Проблемот е многу поширок и подлабок.

Покрај досегашните б а р а њ а/у с л о в у в а њ а, што требаше да се исполнат за да се пристапи кон преговори за влез во ЕУ (не да се влезе, туку да се започне со преговори!), морал да се реши и проблемот (проблемот?) со Бугарија, бидејќи бил с е р и о з е н. Значи, не беа доволни 2001 година, Рамковниот договор и формирањето на етнички универзитети; не беше доволна територијалната поделба од 2004 година; не беше доволна ниту промената на Уставот; не беше доволно прифаќањето на Приштинската декларација, Договорите со Грција и Бугарија, кои доведоа до промена на името, до двојазичност и до етнизација на Државата, наместо да се оди кон изградба на граѓанска држава.

Исто така, не е доволно што сѐ поотворено се доведува во прашање историјата и културата на Македонците; ниту доволно е што се преговара за јазикот, за историските личности или што се воведоа вработувања според етничката припадност, практика својствена за апартхејдот во бившата Јужноафриканска Република. Не, и тоа не беше доволно.

Морало уште подлабоко да се оди кон д е к о н с т р у к ц и ј а (омилен поим на постомедернистите) на Македонија, процес кој води кон нејзино постепено згаснување/снемување како држава. Она што ќе го снема/згасне и да сака некој некогаш да го прими не ќе може да го прими, бидејќи прекинало да е и преминало во не е. Од од битие, станало небитие.

А сѐ започна 1993 година со трогателно „наивните“ и „невини“ разговори (не преговори!) за некои разлики околу името, како услов за прием во ООН. Притоа, се тврдеше, новото име ќе послужело само (и само!) за внатрешна употреба во ООН. Ако некому и понатаму нешто не е јасно, тогаш се работи или за интелектуална инсуфицијенција или за отсуство на каков било морал. Тоа значи и на каква било човечност.