Диктатура е наложување задачи од власта без обезбедување услови и можности за истите

Диктатурата се оцртува во легитимитетот и објективната (материјална) оправданост за репресија на државниот апарат. Односно, во лицемерието на власта да на своите поданици наложува исполнување задачи за кои тие, и да сакаат да ги исполнат, немаат услови и можности за да го сторат тоа. Така да, треба да се запази одреден ред и приоритет, како на пример:

– Пред да ги казнува луѓето согласно новите мерки за борба против Ковид, треба бар најмалку да обезбеди јавен превоз согласно мерки за заштита и секако, пунктови по јавните објекти (бензиски, трафики, маркети) кои ќе делат најмалку бесплатни маски;

– За да има онлајн настава за ученици, треба најмалку да обезбеди техничка опрема и соодветен простор за секое дете и за секој предавач како работник секако;

– За да самохраните мајки, па и сите родители, продолжат да бидат дел од активната работна сила (од која нели зависи БДП, како најважен параметар за либералните економисти) треба да обезбеди грижа за нивните деца додека тие се на работните обврски;

– За да се одржува здравјето на нацијата и секој да има еднаков пристап до здравствена нега и грижа, прв чекор е да може секој да добива здравствени услуги во било која здравствена установа (без разлика дали приватна или државна) на територијата на РМ по фондовски цени;

– За да забраниш домашно правење ајвар, ракија, тутун и слично, истите производи треба да ги извадиш и од комерцијалниот синџир. Како што на пример, за да правиш бизниси со марихуана истата треба да ја дозволиш да може да се одгледува и во домашни услови за домашна/лична употреба во било која сврха – па после ти продавај колку сакаш ако има имбецили и богаташи што ке ти ја купуваат;

– За да санкционираш фрлање ѓубре на “несоодветно” место, треба да го уредиш урбаниот простор со доволно капацитет за да може тоа да се случи и да направиш територијално сеопфатен и заокружен систем и стратегија на регионални депонии;

– За да забраниш домаќинствата да се греат на дрва. треба да обезбедиш чиста и за секого достапна топлинска енергија. Исто како што не можеш, од една страна да им забраниш на селаните да собираат дрва за огрев и други домашни потреби, а од другата страна разни компании и дрвократци шумите ги праат р’шум.

И така ова се прашања вредни за политичка расправа и многу поважно, токму на ваков тип проблеми вредно е да се трошат заедничките пари (поготово ако тоа се заеми во име на сите), а вака и средствата и капацитетот стратешко-економско-политички ни се промашени и оттаму е нашата социјална фрагилност на заедницата како колектив…


Став на Реџеп Исмаил (Хактан) – член на Президиумот на Левица.