Песната „А бре Македонче” е позната како химна на македонското партизанско движење

Песната „А бре Македонче” е позната како химна на македонското партизанско движење.

Која е приказната за неа, како и кога настанала?

Идеата за борбена песна се појавила веднаш по почетокот на востанието на 11 октомври 1941 година во Прилеп. Задача да создадат песна која ќе го подига борбениот дух и морал на борците, а воедно ќе го поттикнува населението за приклучување во партизанското движење, добиле тројца борци од првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев” (именуван како и повеќето одреди според дејците на ВМРО и илинденците). Тие тројца се: Коле Чашуле, Крсте Црвенкоски и Ордан Михајлоски Оцка, од кои првиот како литературно надарен бил задолжен за текстот, вториот за идеолошката поента, а третиот како музички талентиран и образован, за мелодијата. Наскоро песната ја доживува својата премиера. Во ноември 41-та, во прилепското село Царевиќ се одржува првиот митинг во окупирана Македонија. Ова, велат историчарите, е првото ослободено парче земја во Европа во 41-та. Тука „А бре Македонче“ првпат е јавно изведена, ја пее одредот „Гоце Делчев“, а му се придружуваат жителите што присуствуваат на митингот.

Песната станува прифатена не само од партизаните, туку и од населението, како во Вардарскиот, така и во Егејскиот дел на Македонија, како гласно испеана химна на народната револуција.

И денес е меѓу најпознатите обнародени патриотски борбени песни. Испеана е од повеќе интерпретатори, дуети, групи или хорови, со различна музичка обработка, ја има како музичка илустрација во филмови и реклами, ја пеат навивачите и спортистите…

Создадена да биде морална поддршка во борбата, за јуриш и за славење на победата, восклик за слободата на човекот, за националното ослободување, за непоколебливост… со нејзината поента: „македонско име нема да загине” денес е исто така актуелна и инспиративна како кога е напишана.

Најдов две верзии на текстот:

I А бре, Македонче

А бре, Македонче, каде се спремаш?
Бојот те чека, бој за слобода.
Бој за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Мажи накитени, жени наредени,
в борба ми одат, борба за слобода.

Нека разберат денешните тирани,
Македонско име нема да загине!
—–
II А бре Македонче

А бре Македонче, леле, каде се спремаш?
Борба те чека, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.
Момци наредени, моми накитени,
борба ќе одат, борба за слобода.
Борба за слобода, за Македонија,
за Македонија, земја поробена.

Нека разберат крвави/клетите фашисти,
Македонско име нема да загине!

Фејсбук статус на Зора Јовановска