Апасиев со остра реакција за екстрадицијата на Асанж: Ова е крајот на ерата на западните вредности

Судот во Лондон одобри основачот на Викиликс, Џулијан Асанж да биде екстрадиран во САД, а конечната одлука ќе ја донесе британската влада.

Британскиот суд денеска официјално ја одобри екстрадицијата на Асанж во САД за да се соочи со обвинувањата за шпионажа. За случајот сега ќе одлучува британската министерката за внатрешни работи Прити Пател, а основачот на Викиликс, Асанж, сè уште има правни можности да поднесе жалба на оваа судска одлука. Неговите адвокати имаат четири недели да достават поднесоци до Пател, а можат да се жалат и до Високиот суд.

Откако оваа вест беше објавена во јавноста, следеше остра реакција од пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, кој напиша:

Асанж ќе биде екстрадиран во САД! (*требаше да избега во Русија, како што направи Сноуден. Барем азилот ќе му беше загарантиран).

Ова е крајот на ерата на т.н. западни вредности. Не остана ништо вредно во Европа по кое би копнееле. Генерации и генерации ќе треба да се сменат, за повторно да блесне европскиот просветителски дух.

Во продолжение на својата објава, Апасиев додава:

Овој чин е симболичната смрт на англо-саксонската цивилизација, онаква каква што ја знаевме и каква што ја читавме по книгите.

А Асанж ќе прерасне во нова икона за младите антиимперијалисти! Таква е судбата на она што Хегел го нарекува „светскоисториски луѓе“. Мачна и траорна. Тоа е таа дијалектика – Човекот мора да страда, за општеството да стане посреќно.