Белa чума ја убива Македонија додека црната седи во влада

  • Пишува Благица Сековска – Проф. на катедрата за Рурална економија при Факултет за ветеринарна медицина и Советник од Левица во Општина Аеродром

Во само два града од истокот на Македонија, Штип и Кочани, наставата  во второто полугодие ја продолжиле  150 деца помалку отколку во првото. Значи само последниве  неколку месеца стотина семејства се иселиле од државата само од тие два града. А колку се отселиле од Скопје, од Прилеп, од Тетово, од Битола….?!

 Македонија умира, поточно Македонија ЈА УБИВААТ! Ја убиваат секој ден, се топи како свеќа пред нашите очи. Ја убиваат непрокопсани политичари со непрокопсани политики. Ја убива неквалитетното здравство, лошото образование, ниските плати, недостоинствениот живот, бесперспективноста, несигурноста……Најголемиот дел од младите (повеќе од секој втор) својата иднина ја гедаат надвор од границите на Македонија. Секојдневно се иселуваат млади, но и постари. Дури 64,8 проценти од оние што остануваат се незадоволни од своето место во општеството.

Во изминатите две децении Македонија изгубила 270 илјади млади до 29 години, а добила 140 илјади повеќе стари над 60 години! Корупцијата како канцер го уништува македонското општество. Олигархијата ги има узурпирано партиите кои три децении се ротираат на власт. Во замена, нивните врхушки испорачуваат секакви нарачки, додека младите не можат ниту да се вработат според струката ако не се членови на некоја од владеачките  партии, не можат да добијат квалитетно образование, ниту квалитетна здравствена заштита во јавното здравство бидејќи овие сфери се целосно запоставени од државата. На работното место нема достоинствен однос, ниту достоинствена плата. Несигурност во секој поглед го потресува животот на луѓето. Одземено ни е дури и  правото на чист воздух! 

Само во 2022 година Македонија ја напуштиле 16% од младото население!

Одливот на млади од земјава е трагедија со несогледливи и долгорочни последици. Државата  не само што губи идни ресурси, туку ги губи и средства кои ги инвестирала во развојот и во образованието на тие млади луѓе. Луѓето што одат на печалба, најчесто остануваат засекогаш да живеат во странство и ги повлекуваат и своите семејства. Ако некогаш на печалба одел само еден човек или двајца браќа, денеска се оди со цело семејство од три генерации.

Владата очигледно ништо од ова не ја допира. Додека белата чума ја коси Македонија, црната чума заседната на власт со децении се грижи само за својот конфор, тендери, проценти…  додека планира увоз на ефтина, неквалификувана работна сила од далечни земји. 

Крајно време е народот да стави крај на ваквите нечовечни и однародени политики и да ја земе власта во свои раце!