Денис Пушилин, лидерот на Доњецк – „Донбас никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“
- Од Доњецк пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар.
Според Денис Пушилин, лидерот на Доњецката Народна Република, специјалната операција од страна на Русија против Украина била единствениот начин да се постигне долготраен и оддржлив мир. Во случај воената операција и демилитаризацијата на Украина да беше насочена само на областа Донбас, на крајот само ќе беше поместена само границата на разграничување помеѓу Украина и Донбас, но Киев ни тогаш немаше да се откаже во иднина по воен пат да ги врати Доњецк и Луганск.
Во центарот на Доњецк, на местото каде што 14 март падна касетен дел од тактичката балистичка ракета Точка-У истрелана од страна на украинската армија, при што загинаа 21 мирни цивили и повеќе од 40 беа ранети. Целта на украинската тактичка балистичка ракета Точка-У била самиот центар на Доњецк, односно административните објекти во центарот. Но како резултат на дејството на руската противвоздушна одбрана ракетата била срушена над Доњецк, но касетен дел од неа паднал во центарот на Доњецк. Доколку руското ПВО не ја срушело ракетата, жртвите би биле неколку стотици, плус огромни разрушувања.
Во присуство на значајно обезбедување и телохранители, во воена униформа, лидерот на Доњецката Народна Република, Денис Пушилин во кратки црти на нас новинарите ни ја раскажа историјата на конфликтот и нагласи дека осумгодишниот терор од Украина ги принуди републиките во Донбас да се обратат за помош на Русија. Целиот квартал каде што се оддржа интервјуто, беше затворен, и голем број на полициски и на воени сили го обезбедуваа периметарот на кварталот, за да се спречи ненадеен напад. Додека траеше интервјуто, над небото на Доњецк прелетаа неколку руски воени авиони.
„Како резултат на нелегитимниот државен удар во Киев во 2014 година истокот на Украина, поточно Донбас, застана против новите нелегитимни власти. Но наместо преговори, Киев летото 2014 година започна воена операција против својот народ од Донбас. Ние бевме приморани да земеме оружје во рака и да се бориме за да се заштитиме. Поседуваме докази дека Украина сакаше насилно да го реши проблемот со Донбас, за нас тоа беше критично, бидејќи имаме повеќе од 4 милиони луѓе. Поради тоа ние се обративме за помош до Русија. Русија ја започна специјалната воена операција на Украина со цел да не спаси од уништување. Паралелна цел со ослободувањето на Донбас е демилитаризација на Украина, односно Украина не треба да поседува тактичко офанзивно оружје кое би било закана за нас и за нашето постоење, како и денацификација на Украина, односно недопуштање на фашистичката и нацистичката идеологија на Украина. Зеленски сеуште има шанса да се согласи со барањата на Русија, а во спротивен случај, Зеленски и Украина на крајот ќе капитулираат, и прашање е во кои граници ќе постои Украина. Донбас никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“ – Денис Пушилин.
После интервјуто со Пушилин, се упативме на територијата на меморијалниот комплекс Алеја на Ангелите, создаден во чест на убиените деца на територијата на Доњецката Народна Република, кои што загинале од почетокот на граѓанската војна во Украина, од летото 2014 година. Имињата на сите убиени деца се испишани на една плоча. Невозможно е да се остане рамнодушен и да се задржат чувствата и солзите кога се гледа на споменикот во меморијалниот комплекс, каде што покрај имињата на убиените деца се поставени разни детски играчки и мечиња. Во чест на убиените деца е поставено ѕвоно, кое што е изработено од чаурата на украинска артилериска ракета. Тоа ѕвоно ѕвони во чест на прерано убиените деца и на нивните ангелски души.
Од почетокот на конфликтот во Донбас во 2014 година, 91 дете загинаа како резултат на вооружената агресија на Украина на територијата на Доњецката Народна Република. Од почетокот на војната помеѓу Русија и Украина на 24-ти февруари 2022 година, загинаа уште 6 деца. Овие податоци и информации ни ги соопшти Народниот правобранител на Доњецката Народна Република Дарија Морозова.
Таа оддржа краток брифинг на територијата на меморијалниот комплекс Алејата на Ангелите за нас, новинарите од странство. Таа не повика да известуваме објективно, и светот да ја слушне и другата страна од конфликтот, не само украинската страна.
Според Дарија Морозова, смртта на децата од Донбас е директна последица на државниот удар во Украина во 2014 година и последователното масовно неселективно гранатирање на Републиката. По вина на украинските власти, на децата во регионот им беа нарушени и одземени основните човекови права. Вклучувајќи го и правото на живот!
„За смрта на нашите деца од украински гранати, соберени се докази и факти и покренати се кривични предмети. Тие се дел од доказната база за воени злосторства од страна на украинските вооружени сили и националистичките групи. Сите релевантни материјали ќе бидат презентирани во текот на идниот трибунал за геноцидот во Донбас. Нас ни е жал што денес како резултат на војната има убиени деца и во Украина. Детскиот живот нема цена, и мене како мајка ми е жал за секој изгубен детски живот. Но доколку Украина не започнеше воена операција против нас во 2014 година, и доколку подоцна ги спроведеше Минските договори, трагедијата која што денес се случува ќе беше избегната. После почетокот на граѓанската војна во Украина во 2014 година, странски новинарски екипи, пред се од Западот, доаѓаа во Доњецк, и известуваа за убиените деца и цивили. Тие доаѓаа и во овој меморијален комплекс. Но после некое време тие престанаа да доаѓаат и да известуваат. За целиот период на конфликтот во Донбас, во самопрогласената Доњецка Народна Република беа убиени повеќе од 5100 луѓе. Сите тие имаат име и презиме. Затоа ве замолувам да известувате објективно, за светот да може да ја слушне и нашата страна, и да не разбере.“, Дарија Морозова.
Меморијалниот комплекс Алејата на Ангелите се наоѓа во еден од парковите на Доњецк. Од комплексот се открива преубава панорама на градот Доњецк. Се гледаат високите згради како и оџаците на џиновските мега фабрики, срцето на тешката индустрија на Донбас. Пролетта е веќе на прагот, птиците пејат, а во далечина се слушаат артилериски истрели и дејството на реактивната артилерија, кои што не потсетуваат дека овде војната уште трае.