За ВМРО-ДПМНЕ двојазичните униформи се „океј“

Во интервју за национална телевизија, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова зборуваше за одлуката на Владата униформите на полицијата да бидат двојазични.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ на прашањето за двојазичните униформи не одговори децидно и не го истакна ставот на партијата дали оваа одлука е во согласност со Уставот. Таа едноставно потврди дека ако одлуката е согласна Уставот тогаш тоа е „океј“

„Во моментот кога ќе имаме одлуки на одредени министерства ние како опозиција можеме да реагираме. Меѓутоа таквите мерки не носат подобар живот за македонските граѓани. Ако тоа е дел од сите претходни уредби, ако е согласност со Уставот тогаш океј.“ – Изјави Ели Панова.

Меѓувремено, од владејачките ДУИ и СДСМ излегоа со став дека оваа одлука е Уставна, единствено од Левица се спротивставија на ваквата одлука и најавија оспорување на оваа одлука пред Уставниот суд.

Скандалозната Уредба е спротивна на амандманот V од Уставот, согласно кој службен јазик на целата територија е македонскиот јазик и неговото писмо. Следствено на тоа, оваа Уредба е спротивна и на Законот за полиција согласно кој, полицијата ја врши унифицирано својата работа на целата територија на државата. Притоа, веќе постои Правилник со кој се уредуваат ознаките на униформата и согласно кој, истите се идентични на целата територија на државата и истите не може да се разликуваат во зависност од општините каде се извршува работата. – Стои во соопштението на Левица.

Она што се повеќе станува јасно, е дека СДСМ се обидува по секоја цена да го задржи својот мандат до крај, заради што ги прифаќа сите националистички барања на ДУИ. Додека пак од ВМРО-ДПМНЕ секоја одлука која ги задира македонските национални интереси ја премолчуваат само за да не ги нарушат односите со ДУИ, во кого веројатно повторно гледаат коалиционен партнер.