(Видео) Крмов: Mакедонија мора да соработува со сите големи сили

Во дебатната емисија „Само вистина“ пратеникот од редовите на Левица, Борислав Крмов, дебатираше со поранешниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Министер и пратеник кој гласаше за промена на уставното име на Република Македонија, Никола Тодоров. Една од темите за кои се разговараше беше моментална состојба во Украина.

Пратеникот Крмов нагласи колку е потребно да се внимава со тоа какви односи Македонија негува кон Руската Федерација и дека политиката на санкции и закани испратени од македонска страна единствено можат да ни наштетат нам како држава.

„Дури и Хрватска, која е членка на НАТО, најексплицитно кажа дека нема да праќа нивни војници на фронтот на Украина. Ние сме слаба држава, која целосно зависи од рускиот гас и единствено решение во вакви околности, што ги штити македонските интереси, е што поголема неутралност.

Крмов, исто така го истакна и ставот дека Македонија како држава мора да ги негува односите со сите големи геополитички играчи, затоа што тоа е единствениот начин да си го заштитиме националниот интерес.

Се создава погрешна претстава дека Левица е русофилска партија. Ние јасно му кажавме и на амбасадорот, дека ние и од позиција на власт, би сакале да имаме одврзани раце да преговараме во однос на нашите национални интереси, со сите тн четири големи играчи во светот: ЕУ, Кина, САД и Руската федерација.”