Левица со пет пратеници: вака ќе изгледаше парламентот ако на последните избори имаше една изборна единица (симулација)

Предлогот за измена на Изборниот законик со кој се предвидува една, наместо шест изборни единици (ИЕ), вчера конечно влезе во собраниска процедура. Што тоа би значело и како би изгледал бројот на пратеници доколку ова беше пракса на последните парламентарни избори во 2020 година?

Од симулацијата која ја направија ТВ Сител, а која ја објавија во Дневникот, јасно се гледаат недостатоците на актуелниот изборен модел.

За симулацијата, тие го користеа Донтовиот модел, кој и сега се користи при пресметката на пратеничките мандати во 6 ИЕ. Направени беа две симулации, едната без изборен праг, другата со изборен праг од 2% – изборен праг од вкупниот број на гласачи коишто излегле на гласање.

Од резултатите, може да се увиди дека единствена партија која, не само што би имала поголем број пратенички мандати, туку тој број би бил и повеќе од дупло поголем, е Левица.

СДСМ имаат 46 пратеници со 6 ИЕ, но со 1 ИЕ би имале еден помалку, односно 45 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ имаат 44 пратеници, но со 1 ИЕ би имале 43 пратеници. ДУИ имаат 15 пратеници, но со 1 ИЕ би имале 14 пратеници. ААА имаат 12 пратеници, но со 1 ИЕ би имале 11. Додека пак, Левица, имаат 2 пратеници, но со 1 ИЕ би имале 5 пратеници.

Недостатоците на изборниот модел со 6 ИЕ се гледа токму преку примерот на Левица и ААА. Иако Левица има некаде околу половина од гласовите на ААА, сепак има дури шест пати помалку пратеници: ААА има дванаесет, а Левица има само двајца пратеници. Значи, за двојно помалку гласови, шест пати помалку пратеници. Тоа би се исправило доколку би се вовела една изборна единица.