Што сега?

Падна РЕЖИМОТ. Ако уште имаше дилеми, после парламентарните избори, за тоа дали СДСМ комплетно ќе ја преземе власта од ВМРО-ДМПНЕ, вчерашните локални избори ставија крај на сите такви дискусии.

Откако 90% гласовите се пребројани, според официјалната страна со резултати на Државната изборна комисија, ретки се општините каде што ВМРО-ДПМНЕ освои (или ќе освои, на местата каде што ќе има втор изборен круг) градоначалничка позиција, а исто толку ретки се местата каде што мнозинството во советот не е на СДСМ. Денес слават и симпатизерите на СДСМ, и оние кои се напатија под раководството на Никола Груевски и неговите коалициони партнери и беа желни за промена.

Дали овие, вториве, имаат вистинска причина за славје ќе покаже периодот кој претстои. Доколку периодот од парламентарните избори до локалните може да послужи како некаков индикатор за животот кој се најавува (во кој минималната плата се покачи, но се воведе нормираниот учинок, или се заговараше прогресивен данок, но само на личниот доход), реформите кои новата власт е подготвена да ги спроведе само навидум ја подобруваат економската состојба на обичниот граѓанин. Доколку најавената слобода се состои во тоа да се критикува паднатата власт (и тука не станува збор за законската слобода за критика, бидејќи таа постоеше и за време на „груевизмот“), а да се молчи пред грешките на СДСМ, но овојпат од страв од другата толпа, тогаш каде е суштинската разлика во таа слобода, од онаа што ВМРО-ДМПНЕ 11 години ни ја нудеше?

И сега, откако поминаа и локалните избори и конечно режимот умре, отпорот едвај дише. Плитките реформи секогаш делуваат во насока на пасивизирање на гневот кај граѓанинот. Ситните победи, како што е падот на една власт исвиркана како фашистичка (од луѓе кои ја користат игнорантноста на обичниот човек кон значењето на зборот фашизам), кои доаѓаат по долг период на status quo во општеството, секогаш изгледаат поослободително и пореволуционерно одошто навистина се. А планот за утрешниот ден го нема. Сега го нема Груевски, за да излеземе да протестираме против големиот диктатор. Сега го нема Мијалков, за да кажеме дека кај него се парите кои недостигаат во нашите џебови. А периодот беше прекраток за да направиме нешто повеќе од тоа да удриме по самарот.

И, што сега?