Европската федерација на новинари стравува за слободата на изразување во Европа поради забраната за РТ и Спутник
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во неделата објави дека РТ и Спутник ќе бидат забранети во Европската Унија. Европската федерација на новинари (ЕФЈ) стравува за можните ефекти на оваа спирала на цензура врз слободата на изразувањето во Европа.
„Ќе ја забраниме медиумската машина на Кремљ во ЕУ. Државните компании Раша Тудеј и Спутник и нивните подружници повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин“, рече Урсула фон дер Лајен.
За остварување на оваа цел, таа кажа дека Унијата развива посебни алатки „за забрана на нивните токсични и штетни дезинформации во Европа“.
Генералниот секретар на ЕФЈ, Рикардо Гутиерез, беше изненаден од оваа објава.
„Прво, треба да знаете дека регулацијата за медиумите не е во надлежност на Европската Унија. Г-ѓа фон дер Лајен најави мерка за која нема надлежност. ЕУ нема право да дава или повлекува дозволи за емитување. Тоа е исклучива надлежност на државите“, изјави Гутиерез.
„Второ, целосното затворање на медиумите не ми изгледа како најдобар начин за борба против дезинформациите или пропагандата“, додаде тој.
Според Гутиерез, ваквата одлука е класична цензура, а не борба против лажните вести.
„Овој чин на цензура може да има тотално контрапродуктивен ефект врз граѓаните кои ги следеле забранетите медиуми. Според нас, секогаш е подобро да се спротивставиме на дезинформациите на пропагандните или наводните пропагандни медиуми со откривање на нивните грешки или лошо новинарство, демонстрација на нивната финансиска или оперативна независност, истакнување на нивната лојалност кон државните интереси и занемарување на јавниот интерес“, рече Гутиерез.
ЕФЈ потсетува на судската пракса на Европскиот суд за човекови права, во која се вели дека забраната на медиумите е сериозен чин, кој мора да се заснова на цврсти правни основи и објективни елементи за да се избегне самоволие.
„Предизвикот за демократијата е борбата против дезинформациите со зачувување на слободата на изразување“, рече Гутиерез.
Според ЕФЈ, приоритет треба да им се даде на други стратегии: зголемување на поддршката за независното новинарство, зајакнување на уредувачката независност, зајакнување на социјалниот статус на новинарите, подобрување на професионалната етика преку независни новинарски тела, поттикнување на медиумскиот плурализам, подобрување на медиумската писменост за сите, зголемување на транспарентноста за оние на власт итн.
Според генералниот секретар на ЕФЈ: „Вистинскиот лек за дезинформации не е забраната на медиумите, туку промоција на жив, плуралистички, професионален, етички и одржлив медиумски екосистем, целосно независен од оние што се на власт“.