(Видео) Крмов: Интерес за Македонија е воена неутралност

„Јас прво би кажал дека ситуацијата е многу комплицирана, а и во јавноста и со оваа декларација ужасно се поедноставува. Би го започнал моето излагање со причините: Најголем дел од луѓето мислат дека е од вчера, односно тие 8 дена од кога почна војната. Не е од сега туку е од 2014 година, а имаме ситуација да 8 години луѓето во Донбас се нон-стоп гранатирани и бомбардирани. Имаме 14 илјади цивилни жртви од кои според Обединетите нации 81% се од страната на Донбас. По тоа убаво се гледа од која страна се најголемиот дел од цивилните жртви, која страна последниве 8 години е во константна агресија. Ние за тие 14 илјади мртви немаме декларација, немаме лиење солзи за тие деца, додека за сегашната ситуација и те како имаме!

Понатаму, ситуацијата со ултра-десничарите и нацистите во Украина, тука најмногу се истакнува “Десен“ или “Прави“ сектор заедно со батаљонот Азоф, немаме никаква осуда од западните медиуми, скоро дали и да се споменати, а кога се споменати се релативизира дека се некоја шака луѓе, иако се знае дека тоа е ударната тупаница на украинската војска, затоа што таа воглавно не е мотивирана да се бори во оваа војна!

Тие структури иако не се дел од власта, или делумно се дел од власта, пример е Димитри Јарош, мислам дека се уште е советник во Армијата на Украина, кој што доаѓа од “Десни сектор“ или „Прави сектор“ се структури кои што всушност имаат еден вид на вето во украинското општество и секогаш кога требаше да има некој договор помеѓу Донбас и Украинската влада тие структури излегуваа на протести и се закануваа дека ќе ја срушат владата насилно. Ние немаме ниту една осуда на таа ситуација! 

Понатаму, експанзионистичката политика на НАТО, кое после паѓањето на Варшавскиот пакт логички требаше да се трансформира или расформира. Речиси сите држави од Варшавскиот пакт сега се и дел од НАТО. Ние немаме ниту еден збор за таа ситуација и се правиме дека е падната од небо и дека не е испровоцирана од никого. 

Во моментов, ситуацијата ескалира на сите страни, санкции имаме секојдневно, а мора да разбереме дека санкции не се решение! Значи санкции не се протестна нота и тие се акт на агресија! Во минатото многу војни имаат почнувано баш поради санкции и ние како Левица повикуваме на воздржаност од сите страни бидејќи не се тука две страни, многу повеќе страни се!

Оваа тука декларација е резултат на медиумската хистерија која се одвива во овој момент и од ситуацијата тука: иако не не примаат во западниот свет, сепак во пропагадниот дел влегуваме, значи ние тука сме покриени како со едно ќебе, како со еден балдехин каде што воопшто немаме информации од другата страна. Да имаа луѓето на Европа информации за страдањето на тие 14 илјади цивили убиени во последните 8 години јас сум сигурен дека и ситуацијата ќе беше поинаква и ваквите декларации немаше да ги гледаме по Европските парламенти.

Значи клучен интерес на Македонија како мала држава е во вакви конфликти на големи сили да задржи неутралност. Ситуацијата е многу јасна: ако ние за тие цивили кои гинеле 8 години сме немале реакција, немаме сега право, морално, да донесуваме декларација за жртвите кои сега се случуваат во војна, иако убаво се гледа дека таргет се воената инфраструктура и војска. 

Поради се од горенаведеното, оваа декларација е еднострана, го немаме моментот од 2014, од насилното рушење на власта во Украина, немаме 8 години убивање на цивили, го нема нивното константно кршење на права во источна Украина.  Пример е дека еден ден беше забранет рускиот јазик, беа подложни на асимилација и на крај улогата на НАТО како главен провокатор и воен хушкач во оваа ситуација бидејќи заради таа една едностраност ние како партија Левица нема да ја поддржиме оваа декларација.”