Авганистанско сценарио за Украина

  • Пишува Дарко Тодоровски Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Почнувајќи од 2001 година САД инвестираа околу 80 милијарди долари во вооружување на авганистанската армија. Според САД и НАТО, беше создадена модерна армија по НАТО стандарди, која што се распадна за 3 месеци после неорганизираното повлекување на САД од Авганистан, и Талибанците победоносно влегоа во Кабул. Како резултат на неорганизираното бегство, САД и НАТО намерно или ненамерно го оставија целото оружје кое што падна во рацете на Талибанците, во рацете на терористичките и криминалните елементи и групи, дилерите на дрога, што доведе до забрзување на дестабилизацијата во регионот на Централна Азија. Тоа е цената што регионот ќе ја плаќа во иднина како резултат на крахот на американската демократија, и неолиберални вредности во Авганистан.

Но, Авганистан е само уште еден во низата воени и геополитички порази на САД. Почнувајќи од Виетнам, Ирак и Авганистан, па се до Грузија и Украина денес. И покрај тоа што во војните во Авганистан и Ирак од 2001 година САД потрошија повеќе од 3 трилиони долари, тие не успееја да изградат одржливи институции и системи во тие држави. Наместо изградба на просперитетни држави, САД позади себе ги оставија Ирак и Авганистан во хаос, сиромаштија и со разрушени системи и институции.

Истата приказна како во Авганистан може да се повтори и во Европа како резултат на војната во Украина, помеѓу Русија и Украина. САД од 2014 година ја вооружуваа Украина со модерно оружје и ја турнаа во војна со Русија, која што ќе се одрази на цела Европа и на целиот свет.  Пред војната во Украина, составот на украинската армија броеше 240 000 војници, украинската полиција 130 000, плус други безбедносни сектори и плус паравоените нацистички групи. Украина објави и мобилизација пред војната. Дополнително, властите во Киев, како резултат на извесниот пораз во војната против Русија, итно подели повеќе од 240.000 парчиња огнено оружје на граѓаните на Украина, без разлика дали тие знаат да ракуваат со истото, на разни криминални групи, од затвор беа ослободени затвореници кои што знаат да ракуваат со оружје, како и оружје беше поделено на фанатичните националисти и нацисти. Потегот беше осуден од голем број на граѓани на Украина. Според некои проценки, во Украина денес повеќе од 700 000 луѓе се вооружени, што е огромна бројка, и прашање е што да се прави со таа огромна количина на оружје после завршувањето на војната.

Како резултат на тој непромислен потег, со поделбата на оружје на граѓаните без претходна воена обука, во повеќе градови во Украина имаше случаи кога вооружени групи на граѓани кои што патролираат низ градовите, по грешка убија граѓани на Украина, мислејќи дека се работи за руски диверзанти. Голем број на видеа, плус официјални потврди од украинските власти ги потврдуваат тие случаи. Вистинскиот хаос пред се на улиците на Киев започнуваше со паѓањето на мракот, кога низ градот почнуваат да се слушаат рафални истрели од различни правци. Некои го користат оружјето за грабежи и за криминал. Но судејќи според последните извештаи и вести од Киев, украинските власти успеале да ги стават делумно под контрола овие вооружени групи.

Како резултат на победата на руските вооружени сили на Украина, не е исклучена можноста вооружените радикали и нацисти од Украина да побегнат и да се скријат во Европа што може значително да ја промени ситуацијата со криминалот таму, и да ги втурнат мирните европски градови во хаос, како што се случи за време на мигрантската криза од Блискиот Исток. Според некои проценки, од почетокот на војната повеќе од 800 000 луѓе побегнале од Украина, или околу 2% од населението на Украина. 650 000 од нив побегнале во Европа, а околу 150 000 во Русија. Се проценува дека во наредниот период повеќе од 5 милиони бегалци од Украина ќе побегнат во Европа. Украина е пред сериозна хуманитарна катастрофа како резултат на војната, а Европа се соочува со нова бегалска криза, која што може да биде далеку посериозна од претходната.

Потребно е постигнување на мирен договор за Украина, кој што ќе ги задоволи сите страни, и ќе спречи Украина да се претвори во Авганистан во Европа. Најголеми губитници од војната во Украина, покрај самата Украина, ќе бидат Русија и Европа. А САД, кои што се далеку, ќе бидат победници. Нивната доминација над Европа ќе биде посилна од било кога порано.