За и околу заедничкото чествување на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

  • Пишува: Тони Димитров – член на Централен Комитет на Левица и Советник во Град Скопје

Македонија и Бугарија заеднички ќе ја чествуваат 150 годишнината од раѓањето на мекедонскиот револуционер Гоце Делчев. Најпрвин немаше да се чествува, а вчера вечер, во последен момент веќе да најават заедничко чествување, веројатно за да нема организирани реакции и протести. Не знаеш што е полошо, дали да не се чествува или тоа да се направи заеднички. Психолошки веќе добро не имаат евалуирано и играат на сигурно со нашата национална апатичност и политичка идолентност. Jубилеј од ваков габарит, камен темелник на историската самосвест на Македонецот, власта на северна, тенденциозно и без нималку достоинство го остава во наследство на Бугарите, со тоа директно бришејќи го од нашата колективна меморија.

Најпрвин претставувајќи го како недоволно значаен, а со текот на времето и целосно, преку некаков договор кој очигледно следува, а со тоа припишувајќи им го Делчев на Бугарите. Значи и двете овие одлуки (нечествувањето и заедничкото чествување) одат во ист правец, а тоа е демакедонизација на историски една од најмаркантните личности – македонскиот апостол Делчев. Оваа власт очигледно има единствена цел, а таа е иста со големобугарските шовинистички аспирации кои започнаа со блокадите, продолжија со историската комисија, а ќе завршат со некаков договор од типот на „Нивици“.

Проблемот е, што проблемот со Бугарија, преку проблемот со Грција, го создаде „нашата“ власт, која патем не победи на избори, што значи нема мандат за вакви преговори, а сето тоа и по неуспешниот референдум на 30 септември 2018, кoга народот кажа што мисли по овие прашања. По потпишаниот Преспански договор со Грција, со кој се поништува постоењето на македонскиот идентитет и еден дел од историјата (и во кој меѓу договорните страни не се ни споменува Македонија), Бугарија поттикната и охрабрена од процесот, секако си зема за право да го направи истото, но овој пат за јазикот, бугарското малцинство и својот дел од историјата, слично како и во претхониот случај, уценувајќи со блокади за фиктивниот ЕУ датум.

Нивно е да бараат, а ваше е да им дозволите или да не им дозволите, што е една многу проста и јасна максима по која се одмеруваат силитите во геополитиката денес. Е па „ние“ им дозволивме. И на едните, сега се на ред и другите. Без воопшто да се помисли на сопствените национални интереси. Бугарија сега го прави тоа што го правеше Грција пред неколку години. Веројанто повторно ќе се најде и некој Никола Димитров, кој надвор од своите овластувања ќе го потпише „бугарскиот“ договор и ќе се надеваат на кратката меморија и политичката истоштеност на македонецот.

Секако, со оваа власт, при секојдневни локални скандали од најширок спектар, има енормен потенцијал сето ова да го реализира, а тоа да помине неприметно, без многу врева и револт, како преку историската комисија која подлегнува на секое барање на Софија, така и преку новиот Премиер, кој исто така не беше избран на избори од страна на македонскиот народ, па со тоа полесно му е да работи за Софија, отколку за интересите на сопствената држава.

Факт е дека Бугарија (како и Грција) историски имала национални и територијални претензии кон Македонија, a отворено ги има и денес. Духовите од минатото на Балканот очигледно повторно се разбудија, со таа разлика што овој пат не се манифестираат преку воена агресија (читај „администрација“), туку преку суптилен притисок, на еден дипломатски начин, преку, да ги наречеме, ЕУ методи (алузија на балканските методи на тогашниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан), преку „шарени револуции“, „ненасилно“ инсталирање ненародна власт и преку договори (напишани од некој странски фактор) кои сте принудени да ги потпишете против волјата на сопствениот народ. Шовинизмот на балканот никогаш не бил пожив, но завиткан во една дипломатска, европска, пропагандна обланда, манифестиран преку изобилие на фиктивни ветувања, со тоа правејќи го привлечен и евентуално неприметлив.

Бугарските тврдења дека нема Македонци во Бугарија, ги потврдуваат и министерот Маричиќ – кој не сака да се меша во малцинските права во Бугарија (тука мислејќи на македонското малцинство во Бугарија), а и претседателот Пендаровски кој разговара со „граѓани од Бугарија“ (мислејќи на членовите од ОМО Илинден). Остануваат само, преку најавените преговори и договори, да се решат и македонскиот јазик и нацијата. Сето ова значи дека во овој процес македонскиот народ е оставен сам на себе.

Тргнувајќи оттука, како наша обврска и историска задача наспороти оваа навидум безизлезна состојба, преземаме да го продолжиме историскиот аманет на Делчев и да се спротивставиме на флагрантното лажирање на историјата, нешто што за жал, ниту една институција (еве да речеме МАНУ или можеби некој универзитет), не се одважи да го направи, што само ја потврдува претходно искажаната констатација за националната апатичност, целосната политичка незаинтересираност за сопствените национални интереси и потчинетост на туѓите стратешки влијанија.

Затоа ние, преку новоформираниот Левичарски институт „Рацин“, се одваживме, барем на еден скромен, но интелектуален начин, преку трибина, да го одбележиме овој датум, на која ќе учествуваат професори и интелектуалци кои и досега биле цврсто и бескомпромисно застанати на црвената линија на македонските национални интереси и кои давале свој придонес кон освестување на овие деликатни историски и геополитички контексти. Следејќи ги социјалистичките идеали на Делчев и војдеќи се по неговата најпозната девиза „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите“, отворено се спротивставуваме на соседскиот шовинизам, разбирајќи го Балканот единствено како културен melting pot во кој заедно ќе живеат историски различни, но културно слични народи.


Овој текст е дел од настанот „Македонската кауза – 150 години од раѓањето на македонскиот револуциoнер Гоце Делчев” организиран од левичарскиот институт „Рацин”.