Да беше ова свет каков што го замислуваше Гоце, неговото раѓање ќе се чествуваше во Кукуш

  • Фејсбук статус на Билјана Ванковска, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје и професор на Европскиот мировен универзитет во Шлајнинг, Австрија.

Да беше ова свет и време какви што ги замислуваше Гоце, денес неговото раѓање ќе се чествуваше во Кукуш, каде што е роден – и тоа од обичните луѓе, соседи и пријатели, а не од политички претставници на две држави (во спор околу тоа чиј е Гоце, кому му припаѓа, за што се борел).

Неговото разбирање на светот, а со тоа и на Балканот, како поле на културен натпревар меѓу народите ќе требаше да се одбележува токму така: со културни и уметнички манифестации, зошто не и спортски, научни. На манифестациите ќе учествувавме сите, без оглед дали сме Македонци, Грци, Бугари и без оглед на која страна на границата живееме. Натпреварот и немаше да биде вистински натпревар (во смисла на ривалство кој е подобар), туку со презентирање на сето она што е најдобро и што го носиме со себе, со кое сме ја афирмирале својата култура и народ.

Онаа лицемерна ЕУ во своето мото ја има идејата за единство во различностите (тоа би било во духот на Гоце кој така размислувал кога Големите сили од Европа уште војувале меѓу себе). Таа денес дозволува нејзините (во случајов две, балкански) членки да дејствуваат врз база на моќ, со уцени и шовинизам, административно бришење на македонскиот идентитет како таков, и тоа не само на нивните теротории, туку и тука во ова едно парче земја кое конституираше македонска држава. И тоа го смета за европска вредност и „разрешување на конфликти“!

Идеите на Гоце се живи, ама запретани некаде, нечујни од тапаните на војната која се покажува некаде на хоризонтот. Гоце се борел за еманципација на Македонецот и за ослободување на Македонија, но не за Македонија која ќе биде газена, додека облекува војнички чизми за да гази на туѓи територии.

Слава му! Тој го стори тоа што можеше, па и повеќе од тоа, жртвувајќи го сопствениот живот. Сега е прашањето што правиме ние, кои се сметаме за негови наследници, за наследници на неговото дело?