Левица: Зошто македонските власти не го бараат назад своето културно наследство?

  • Реакција на Левица – Сектор Култура

Веста што деновиве беше пласирана од страна на Министерството за култура по повод изложбата со ексклузивните наоди од некрополата Требенеште т.е. златните маски, која заедно со другите две маски ќе биде поставена во Бугарската академија на науките во Софија, повторно го отвори прашањето – дали Македонија го бара назад своето ограбено културно наследство?

Одоговорот на ова прашање секако е НЕ!

Министерството за култура, наместо да започне процес за реституција на овие предмети, продолжува со меѓународната соработка во културата со Бугарија, со реализација на заедничка изложба со која се одбележува сто годишнината од откривањето на единствената некропола во Требениште, односно сто години од „охридската кражба“, и изложување на златните маски, па би било добро конечно да се покрене прашањето за нивно враќање во земјата од каде потекнуваат.

Дали Македонија може да врати нешто од своето ограбено културно богатство?

Разнебитувањето на културното и историско наследство на земјата трае со децении. Златните маски од Требениште, заедно со голем број на ракописи, икони, археолошки предмети и други скапоцени предмети со историска и културна вредност се едни од многуте украдени артефакти расфрлани низ музеите во регионот и во светот.

Постојат цели студии, монографии, научни истражувања за Требеништа, како и историски показатели дека тоа ни припаѓа нам и дека потекнува од Македонија, па според сите меѓународни конвенции, Македонија има легитимно право да ги бара назад.

Во овој историски контекст на актуелните негирања на македонската нација, шовинистичката политика кон Македонија и насилно приграбување на нашата историја од страна Бугарија, апсурден е потегот на Министерството за култура за било каква соработка со Бугарија на ниво на култура, археологија и историја.

Сѐ додека нашето културно наследство и историско богатство е изложено во музеите на соседните зејми и не биде вратено во Македонија, останува да се радуваме на копиите и на случајните фотографии од нашите украдени артефакти.