ССМ ја поздрави одлуката на Левица да го предложи Законот за минимална плата

Откако вчера на прес-конференцијата во собранието пратеникот Борислав Крмов објави дека политичката партија Левица го поднесе предлог-законот за изменување на Законот за минимална плата, кој е доставен од Сојузот на синдикати од месец декември, ССМ ја поздрави одлуката на партијата и се обрати преку официјално соопштение.

„Барањето на ССМ, пратениците да го поддржат и предложат предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата со кој минималната плата ќе се зголеми на 18.000 денари и спирално ќе се зголемат останатите плати почнува да ја добива потребната поддршка во Собранието.

ССМ ја поздравува одлуката на Партијата Левица која го предложи до Собранието предлог законот на ССМ поднесен во декември за зголемување на минималната плата.

Во услови кога ниту најголемиот пораст на минималната плата во 2017 година не го загрозил стопанството – односно фирмите не отпуштале работници, не ги намалувале платите, ниту пак им се намалил профитот- туку напротив ја зголемиле продуктивноста и профитот, очекуваме и уште еднаш ги повикуваме и другите партии и пратеници во парламентот да го следат примерот и да го сторат истото веднаш и да покажат дека се за работниците и за граѓаните.“