(Видео) Сведоштва на македонците во Бугарија од 1990 година
Видео снимано на 22. април 1990 год. во Рожденскиот Манастир, во срцето на Пиринска Македнонија – Пирин Планина е еден вид тестамент- сведочење на обесправените македонци, доказ за неправдите и вечната борба за самоидентификација.
Иако претходно уредно го најавиле собирот на македонците во Бугарија во чест на 75-те години од смртта на Јане Сандански, организацијата ОМО Илинден на разни начини била репресирана и пробано било на секој начин протестот да биде саботиран од страна на тогашната бугарска влада. Некое време пред одржувањето на протестот, Бугарија донесла и закон за забрана за политички собири. Уредно имале закупено неколку автобуси, но на само еден ден пред одржувањето на собирот им било кажано дека сите автобусите се запрени – кметот наредил: “Автобуси имам, но вам не можам да ви дадам” -се вели во видеото.
Но гласот за национални и човечки права веќе бил кренат! Се собрале и ја продолжиле борбата за национални права. На договореното место сепак повеќето успеале да пристигнат, повеќето со приватни автомобили.
-„Добредојдовте Македонки и Македонци! Денеска дојдовме овде, на гробот на Јане Сандански да клекнеме на колена и даположиме китки и венци. Седумдесет и пет години овде во Рожденскиот Манастир, во скутот на Пирин Планина лежат коските на Јане Сандански. На 22 април 1915 год. во месноста Папас Чаир, на 20 Km источно кон Неврокоп, денешен Гоце Делчев, падна пронижан легендарниот револуционер и борец за национално ослободување на македонскиот народ од турско и од бугарско ропство. На овој ден падна смртно ранет во крв од заседа убиениот Јане Сандански од бугарските терористи – агенти на софијскиот дворец. Тоа кобно убиство не беше ни првото ни последното”.
-„Од смртта некако оттрпнавме, проживеавме многу тешко. Тогаш немаше кој да види. Можеби намерно тогаш властите ја прогонуваа секоја наша мисла. Се додека татко беше в’затвор, нашата куќа беше под надзор, а кога мајка ми ја интернираа, имавме малку надеж дека некогаш ќе се врати, но еден ден дојде и ни кажаа дека нема повеќе воздух за неа. Сето тоа беше еден смислен систем да се уништи ова поколение”.
Нивните постапки често биле следени и внесувани во досие – еден од начините за заплашување.
-„Ако сака некој да ја дознае вистинската состојба во Пиринска Македонија, нека ги отвори сефовите на државната безбедност во Благоевград. Таму се наоѓаат досиеата на стотици а можеби и илјадници македонци осудени за дела за кои во цивилизираните држави никој, никогаш, никому не му суди!”.
Во нивните барања стои и тоа дека се борат за да им биде признато нивното право на малцинство во Н.Р. Бугарија, како и правото на македонско малцинство во Н.Р. Грција. Бидејќи тоа право, тоа барање било издвојувано во вековната борба и во слободна и демократска Бугарија и Грција, секој за да може да се чувствува таков како што самиот се чувствува.
-„Бараме, протестираме и настојуваме поради нашите одземени национални права. Да почне што поскоро извршувањето на меѓународните договори за правата на малцинствата. Воведување на изучување на македонскиот јазик и историјата во училиштата. Да има емисија на македонски јазик на Радио Благоевград. Издавање намакедонски весници. Да се запре големата шовинистичка пропаганда кон Македонија чија цел е помрачување на националната свест и создавање на психичка напнатост помеѓу населението. Народното Собрание на Р. Бугарија да ги признае и да им ги даде националните права на македонците”.
-„Ќе побараме поништување на воениот сојуз од 29-ти февруари 1912 год. меѓу Бугарија, Србија и Грција. Повлекување и отстапување на приграбените територии од завојувачите кои со сила ја распарчија Македонија”.
И покрај тоа што имаат неколку правосилни пресуди кон остварување на правата за самоидентификација, бугарската влада сè уште тапка во место со спроведување на пресудите од меѓународните организации, меѓу кои и пресудата од Европскиот суд за човекови права во Стрзбург на 28 мај 2020 год. кога ја осуди Бугарија, носејќи пресуда со која утврди дека е повредено првото на здружување по член 11 од Европската конвенција за човекови права.