Се затвори и базенот во СРЦ Борис Трајковски – пливачите се оставени без основните услови за тренинг и натпревари

  • Реакција на Левица – Сектор Спорт.

Како и сите аспекти на живеењето, властите одамна го пуштија спортот низ вода. Спортистите-пливачи останаа и без тие неколку базени кои ги имаат во државата. Последиците од неодговорното и криминално работење кое доведе до енергетската криза се одразуваат и врз спортот.

На големо разочарување на пливачите и клубовите, најпрво се затвори базенот во Куманово со образложение дека истиот нема да работи од 20.01.2022 година. Дополнително објаснување немаше. По него, се затвори и базенот Борис Трајковски во главниот град.

Пливачите се оставени без основните услови за тренинг и натпревари. Покрај тоа што триесет години државата не се заложи да изнајде решение за малубројните базени во државата и со тоа да го реши проблемот кој со години го имаат пливачите, пливачките клубови и спортските работници, сега доаѓаме до степен каде поради енергетската криза, се затвораат и базените. Наместо приоритет во Македонија да биде младите луѓе кои ќе тренираат и ќе прераснат во големи и успешни спортисти и способни луѓе, ние сме соочени со пропаст на спортот во Македонија.

Базените се дадени на концесионери кои ги стопанисуваат и истите со базените работат своеволно. Цените се покачуваат без основ, термините за користење на базените се намалуваат, а сето тоа е на штета на пливачите и пливачките клубови. Конечно, ваквата состојба кулминира со клуч на базените и на штета на пливачите, клубовите, како и сите рекреативци, вклучително и оние на кои пливањето им е препорачано од медицински причини.

Наместо поттик за поголеми успеси на нашите пливачи и подобра подготовка за нови светски и олимписки резултати, истите се соочуваат со препреки и потешкотии.
Зошто одговорните власти не покажуваат интерес и не се помогне на спортските објекти? Зошто објекти кои треба да се од национален интерес се даваат под концесија? Кои се должностите на концесионерите и зошто навреме и тековно не се решаваат ваквите проблем?

Левица во својата програма предвидува јавните спортски објекти да не се даваат под концесии и државата да стопанисува со истите, водени од елоквентен и стручен кадар.