АктуелноЛокално

Левица: Учебниците мора да ѝ служат на науката, не на политиката

  • Реакција на Политичката партија Левица.

Скандалозната изјава на поранешниот премиер Владо Бучковски, кој како специјален претставник на Република Македонија во спорот со соседна Бугарија, изјавува дека треба да има промена во материјата по предметот Историја во учебниците, повторно потврди дека единствено решение е прекин на преговорите со бугарските власти.

Дегутантно е лице против кое веќе има донесено правосилна судска пресуда за искористување на службена должност, да биде во позиција да дава ваква инфантилна изјава о која што тврди дека со промена на содржините во историските учебници, магично ќе се смени проблемот со бугарското вето и нашиот сосед ќе даде зелено светло до Советот на Европа за почеток на преговорите со Македонија. Влада која единствено егзистира врз корупција и организиран криминал, не може ништо друго суштински да испорача, освен ревизионизам и удоволување на шовинистичките претензии на соседни држави!

Прво: промената на историските факти во учебниците е морално и етички неисправна, бидејќи станува збор за настани кои што вистински се случиле пред 70 години, а постојат и официјални документи и реални сведоштва за реалните факти од меѓусебната историја на нашите две држави.
Второ: преговарачката рамка со Република Бугарија е само уште еден изговор со кој што Европската унија ја држи земјава во заложништво, на тој начин постојано играјќи ја улогата на наш поддржувач, а притоа реално дистанцирајќи се од проблемот, што се гледа од нејзиниот став дека двете земји треба меѓусебно да ги испеглаат разликите преку Историската Комисија.

Било какви условување околу идентитетот, историјата, јазикот и нацијата се неприфатливи, а токму ваквите скриени барања на Унијата само откриваат дека истата е заглавена во двојни аршини и ревизионизам, наместо приоритет да биде рамноправна соработка помеѓу државите.

Не постои таква придобивка за државава која би нè натерала да се откажеме од историските вистини од нашето анти-фашистичко минато, особено не пред Република Бугарија, која уште не може да се ослободи од своето шовинистичко минато, за кои говорат и 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство.

Ниту еден бугарски политичар не оди против националните интереси на Бугарија, ниту пак против бугарските историчари, дури и додека истите се историски неиздржани и шовинистички. Со ваквата теза на специјалниот претставник Бучковски, очигледно е дека оваа владејачка клика единствено одработува за интересите на другите држави – за што еден ден, кога институциите нема да се окупирани од режимот, ќе мора да одговараат за велепредавство на сопствената држава.