Анти-европскиот баук во Македонија

  • Став на м-р Александар Симонов, член на Централен Комитет на Левица.

Во претходното чкрткање елаборирав зошто преку создавањето на анти-европскиот баук над Левица, трилатералата креира и се обидува да достигне дискурстопија по свој крој. Но, овoј проблем е фиктивна приказна, која нема допир со реалноста и сам од себе ќе се реши, набрзинка. Проблем е егзистирањето на вистинскиот анти-европски баук во Македонија, што би требало ЕУ-поддржувачите, а и самата Унија, ако навистина посакува проширување, да ја интересира.

Тинк-тенковите кои разлеваат статистики од еврољубие, преку својата високо развиена смисла за фантастика, на „европското височество“ му ја одзема можноста да ја добие вистинската претстава за реалната слика во внатрешноста. Кај нас дома, до понеодамна, евроскептицизмот го темелевме на неверување дека можеме да се интегрираме во Унијата, денес евроскептицизмот се темели на несакање да се биде дел од Унијата. Зошто ли е тоа така?

Бриселски наметнатата идеализација на Унијата влегува во катаклизма. Неа ја издигнавте на недостижен идеал, каков што се перципира само во религија. Еве, брутализирам и ќе споредам со една радикална: војник на Исламска држава верува дека после неговото самоубиство, го чека „рајот“, идал, од неговата имагинација. Таков е и ЕУ иделот за нас, нѐ терате да веруваме дека кога Македонија ќе изврши самоубиство (името, знамето, историјата, веројатно јазикот и сѐ тоа заокружено со идентитетот) тогаш стануваме дел од рајот (Унијата) идеал, од нашата имагинација. Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Години наназад зборувате за пријателство, а какво е тоа пријателство во кое никогаш не сме еднакви? Во ова пријателство сме претворени во периферија, чии политичари бескрајно се снабдуваат со бриселски директиви за светла иднина! – А во тиранија, иднината секогаш е светла. Цело време зборуваме за пријателство кое развива демократија, додека ништо повеќе нема допринесено за развојот на демократијата, како нејзиното непостоење! Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Нека ви текне на приказната од ‘95-та „Македонија го фати европскиот воз“, или на муабетот „можен е датум за преговори годинава“ од 2009-та. Убаво се сеќаваме на приказните од ЕУ авторитетите од Солана тогаш, до Руте од пред некој ден, помеѓу нив кој не, а после нив кој ли уште не! Пред некоја година, кога ни менуваа име, сите свратија. Унијашот Курц ни се влечкаше од партија во партија, од митинг на средба! – A богами и тетка Меркел беше ветила, уште именцето и нема веќе пречка. Многу такви авторитети ни поминаа, и Хан и Фуере и кој ли не, сите истото го ветуваа. Ете, Ви помина, и сега!? Нема име!? Нема Европа!? – Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Системските слабости на Унијата се фактичка состојба која се провлекува низ годините, ама во нашиот дискурс место за нивна критика никогаш не се остава. Па дури и објективните размислувања кои излегуваат од рамки на бараната бриселска идеализација т.н. „европска вредност“ беше загушувана. На крај, македонскиот народ на своја кожа ја чувствува демократијата, во која злоупотребата на правото на вето е демократски процес, способен да стави држава во заложништво. Консензуалноста при носењето одлуки е основа за пеглање свои позиции во штета на трети страни, а изменетата методологија е вистинскиот пат кој води во нова бариера! Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Не може Унијата да ја поддржува ДУИктатурата и да соработува со нивната елита, која управува со државата, спроведувајќи го митот за потпросечноста, кога во Македонија ¾ од населението во ДУИ гледа непријател број еден на сопствениот народ. Не може да поддржуваш партија која функционира како институционализиран картел, кој мафијашки организирано, автономно управува со делови од државниот апарат, каде тесните погледи не им пречат да имаат широки барања, во корист на своето потесно членство и штета на цела нација. Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Поддршката на погрешната политика од домашната елита, составена од далтонисти со душа на камелеон, е „сидрото кое влече напред“ затоа и сме заглавени тука, со декади, во јазот на епохите, каде ни пропаѓаат веќе неколку генерации. При промената на власта ‘16-та сите очекуваа Унијата да биде „камшикарот“, бидејки народниот камшик се покажа премногу мек. Но, камшикот предвиден за политичарите удри по националните интереси и сопствениот народ. Од обичниот човек и ова беше проголтано, зошто веруваа, за на крај никој, никогаш и никаде од ова да не виде фајде. Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Години наназат вашата комисија објавува извештаи во кои утврдува развој во правосудниот систем, додека за оние кои ги губат животите во „несреќи“ и по над сто одржани рочишта нема правда. За непочитувањето на препораките од Венецијанската комисија во извештајот ни белешка не им фативте, а за спроведувањето на попис по нечовечки стандарди, премолчивте спроведување на една цела дуиктатура. Поддржувате тиранија врз мнозинство, не барате одговорност од верните соработници, дури и кога луѓе горат. Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Со секоја поддршка на политиките на ДУИ, добивате домино ефект кај цел еден народ. Со инсистирањето на продажба на националниот дух и бит на Републиката, преку процес наречен добрососедски односи, добивате домино ефект кај цел еден народ. Со поддршката на амнестирани криминалци да владеат тоталитарно со државата, добивате домино ефект кај цел еден народ. Со премолчувањето на политички неправди заради мир во куќа, добивате домино ефект кај цел еден народ. Со благоглаголењето и ветувањето „датум“ неколку пати годишно, и треснувањето од земја после секој Самит, добивате домино ефект кај цел еден народ. Епа Другари, тоа не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!

Aко го правиш ова, немој да се чудиш од каде ти се зараѓа евроскептицизмот. Имиџот на оваа Влада е имиџот на ЕУ и НАТО во очите на македонската јавност! Ја спасивте, со кутриот Реџепи. На овие нашите политичари секако од одамна не им верувавме, ама сега и на вашите, не им веруваме! Не знам со кое лице доаѓаат ако продолжуваат да го прават ова, да продаваат ветар и магла, џабе е, повеќе не им веруваме. Затоа што Другари, овој народ не го сака сето ова што го правите вака, повеќе не оди така. – Сами го развивате евроскептицизмот!