Анти-европскиот баук над Левица

Став на м-р Александар Симонов, член на Централен Комитет на Левица.


Традиционалната уметност на ветувања, реплицирана по којзнае кој пат во изборнa кампањa, беше разбиена од феноменот наречен Левица. Резултатите остварени од партијата ги стави во сеништа пировите победи на политичката елита. Таа (избезумена од растот на Левица) чие дуплирање рејтинг после секои избори стана навика, тргна во дискурсот да создава „вистина“ што ја извитоперува стварноста. Недостатокот на објективна фактографија е претворен во субјективно полемизирање, каде најгласниот аргумент во штурото обвинување е дека Левица е анти-европска партија, каде „шуто и рогато“ бодат фашисоидни и нацисоидни етикети, неприметувајќи дека во неможност  да наштетат, сами себе се дават со ременот создаден од сопствената омраза. 

Револтот против Левица кај политичките опоненти е реална состојба во нагорна фаза, изгледа кулминативно, ама далеку е од кулминација. Допрва следи неговата ерупција, која ќе се обиде да задржи некаква си константа. Најмногу ги иритира што и при поседување на доминантни услови во оваа борба и целиот „хејт“ кој од страна врз неа се истура, Партијата непрекинато расте, движејќи се во правилна насока. Зошто ли е тоа така?

Кампањата која ги поби стереотипите наметнувани во јавниот дискурс и овозможи пад на туѓата „вистина“ во вода, е првата победа. Годинава наназад се наметнува стереотипот дека „станува збор за десна, националистичка партија“ и хоп, Амар Мециновиќ – портпарол на партија, Реџеп Исмаил – фронтмен во град Скопје, Дарја Мустафаоглу – заштитно лице во кампања, Петар Диклиќ – идеолошки гуру што дух на партијата дава. За миг паднаа сите националистички тези наметнувани за партијата. 

Ама Левица не ги застапувала сиромашните“, и хоп уште една теза во вода, Самохрани родители, текстилни работнички, земјоделци, занаетчии, сите тие фронтмени во битката за совети. Некои од нив веќе почнаа во Советите да диригираат. – „Ама Левица е човек партија“, и хоп, уште една теза во вода, уште на конститутивните седници, советниците, наместо обраќања, одржаа лекции, и тоа какви. Да не должам, во Македонија конечно имаме лево обединување, по класа, oд кое стереотипите креирани изминатава година им се раздробија.

Неподмитливоста и борбата без ракавици е уште една причина зошто елитата го негува гневот против Левица. Пробаа еднаш, пробаа два пати, пробаа сто пати и не им успеа. Ниту кај пратениците, ниту кај советниците, ниту кај членовите, па дури ни кај симпатизерите, обидот за подмитливост не им помина. На „подадена рака“ им враќаме со тупаница, затоа, сето ова го тераат вака. 

Оваа неподмитливост ни овозможи константно позиционирање на вистинската (народната) страна на историјата. Занесени од либералниот виор, тргнаа да решаваат историски процеси, заборавајќи дека истите обично завршуваат со кривична! Левица беше на вистинската страна во борбата за овие процеси, и оној со Грција, и овој со Бугарија, и последниот што беше со пописот, за ДУИ-зација. Еве, ќе го земам последниот пример, за пописот. Реално, партијата беше свесна дека влегува во борба против владејачката трилатерала. Од една страна беше Левица, од друга целиот политички „крем де ла крема“. Башка и калето од нивна страна! И ете ти беља, од никаде се појави факторот кој на сето ова се спротивставува, влезе во борбата, додуша и победи првиот пат. Знаевме дека завршувањето на процесот во наша корист е невозможна мисија, ама останавме во борба, до крај, на вистинската страна. Е, баш од таа искрена борба се плашат, и знаат дека по паѓањето на хунтата од власт, овие процеси, еден по еден, само Левица е факторот што ќе ги решава. Со кривична! – А до тогаш? – До тогаш продолжуваме да фаќаме белешки за историјата, за тоа кој е на која страна.

Способност аргументирано да им ги расипеме големите игри е придобивката која ни ја даде „влезот“ во Собрание! Им падна идејата за измени во Деловникот со кои пратениците ќе си гласаат од дома, им ги извадивме на површина криминалите, им го замативме задоволството за Законот за Гама (Макпетрол), блокиран е Законот за етничка припадност во лични карти, со предлог закон за максимални цени во приватните болници ги натеравме на нова отстапка, а бе, се направи притисок сами да поднесат и гласаат Резолуција за црвени линии во спорот со Бугарија. Се случија мал милион работи кои ја расипуваат политичката игри на „големата елита“. Ама знаете што? – До сега игрите им ги растуравме во Собрание, во советите тек почнува. Што ли ќе биде за некоја година кога ова ќе им го правиме во Влада? 

И сега кога спомнавме Влада, доаѓаме до моментот дека Левица станува фактор кој сериозно конкурира за создавање Влада по наредните парламентарни избори. Ова е момент кој многу, ама баш многу ги плаши. Свесни се и знаат, со влегувањето на Димитар Апасиев и Борислав Крмов, народот влезе во Парламент, дежа ву им се случува во советите, затоа, ќе направат сè, народот да не им „влезе“ во Влада. Етикетите од комунисти до фашисти (сега и нацисти) се “мачја каша” за она што се спремни да ни го прават, оти се плашат, не само од тоа што Левица станува фактор кој може да биде дел од идната Влада, туку од доаѓањето на моментот кога народот ќе биде дел од Влада! 

Фактор за уривање на секоја идна Влада е конечно најголемиот страв, ноќната мора на елитната трилатерала. Со двоцифрен број пратеници, можноста за уривање Влада е опција лесна. Од позиција на опозиција, Власта нема да може да протне било што туку така, ни влакно нема да им помине, таму ќе сме многу, совеста, пркосот и реметот, во секоја комисија. Од позиција на власт, Левица ќе може да ја кутне Владата во секој момент, Е, затоа! – Затоа се продава приказната за анти-европска Левица, оти се плашат, а нема за што да ни се фатат! Па удри, било каде, по било што, да оцрни, да се сведе на мое ниво, само напред, обвини, нека е негативно, нека против нив, не е битно за што, нека биде било што! – Само да биде против нив! Е, таа им е тактиката, зошто согледуваат, по поддршката од народот, намигаат и симпатии кај меѓународната.


Анти-европскиот баук над Левица е резултат од реалниот страв, не од тоа што е – туку од тоа во што Левица прераснува. А, знаат тие, знаеме и ние, дека факторот во кој растеме веќе одамна не е за потценување! Свесни се дека амнестирање за криминалот можат да договорат меѓу себе, ама генерацијата неизвалкани политичари, чија неподмитливост е услов за учество во борба на политичката арена, е таму, за правда договарање нема! Плашејки се од правда, која политичката генерација во јуриш може да ја донесе, шират плашливи приказни за анти-европска „Баба Рога“ и, пак си грешат. Левица не е анти-европска, ниту пак развива евроскептицизам, ама за тоа во наредната колумна.