АктуелноЛокалноСтав

Имиџот на оваа Влада е имиџот на ЕУ и НАТО во очите на македонската јавност!

  • Пишува Јована Мојсоска – Член на Президиумот на Левица.

Изминативе денови поминав неколку дебатни емисии за да разгледам кои се темите, анализите и проблемите во јавниот дискурс, со оглед на сиот политички контекст во кој се наоѓаме. Па, се понадевав да слушнам издржани тези и емпириски анализи за енергетскиот колапс во кој се наоѓаме, или можеби за штрајкот на вработените во Македонски железници (втор во 30 дена) и колапсот на ова претпријатие или пак можеби, за енормната инфлација на основните продукти за преживување, проследена со масовни отпуштања или пак можеби, дискусија за новиот бран загадување на воздухот кој ни претстои каде градовите ќе бидат претворени во логори на смртта. 

Единствено што слушнав беше ламентирање за фамозните ЕУ – интеграции, па хвалоспеви која политичка опција е повеќе за евроинтеграција, за мрачните сили што биле анти-европски и го рушиле европскиот прогрес на нивната Северна – додека иронијата вели дека токму за време на владеењето на СДС и ДУИ има најниска поддршка за евроинтеграциските процеси. При што се работи за податоци од релевантни агенции, а не за промашени анкети како оние на агенцијата „Рејтинг”, која е во сопственост на поранешниот генсек на СДС, Ѓорѓи Спасов. Оваа агенција, за време на пандемијата, успеа во една година да наплати 93.000 евра државни пари по разни сомнителни консултантски основи, во духот на европските заложби. 

Впрочем, еден од најпрестижните американски институти „Галуп”, минатата година објави дека дури 45% од македонските граѓани не ги одобруваат политиките на САД, при што Македонија беше ставена во топ пет држави (од 133) каде се бележи најголем пад на поддршката за политиките на САД – заедно со Словачка, Иран, Турција и Камбоџа. Тоа е речиси половина од населението во Македонија, додека во нашиот медиумски простор на политичари, аналитичари, експертутки, интелектуалци итн – стопроцентна е застапена тезата дека нема повисока цел за Македонија од интеграцијата во ЕУ и НАТО. И тука најдобро се рефлектира енормната дискрапанца на расположението помеѓу обичните граѓани во однос на приоритетите на политичките елити. 

Дури и претседателот Пендаровски речиси во секоја емисија изразува загриженост за растечкиот евроскептицизам, па не можам, а да не се запрашам, што би правеле сите овие НАТО – фанатици доколку утре се распадне ЕУ и НАТО, затоа што неминовноста на историските процеси води кон трансформација на општествените односи, како рефлексија на историскиот развој? Гледајќи ја нивната опсесија и фиксација, можеби колективно харакири на плоштад би била опција, затоа што смислата на нивното битисување и егзистирање почнува и завршува со евро-атлантските процеси.

Или можеби евро-интегративните процеси единствено се цел сама по себе, а не средство за намалување на корупцијата, борба со организираниот криминал, подобрување на економската соработка – односно се претворија само во зелен картон за конституирање Влада која не би наметнала преиспитување и отворање дебата за геостратешките интереси на Република Македонија и колку “чини’ овој процес по македонската нација?

Ако живееме во демократско и европско општество, тоа подразбира постојана дискусија и дебата за сите прашања, разноликост на идеи, решенија, правци – додека гледаме како прогресивната фела во хистерија и гнев шиканира 50.000 гласачи на Левица за нацисти и фашисти. Па, токму премиер на Влада, европски и демократски, ги прогласи 350.000 граѓани на овие избори дека претставуваат зло (а, злото треба да се сотре бескруполозно, нели?).

И додека најголемата главоболка за прогресивните мегафони е речникот на Апасиев – затоа што милозвучни се заканите на Дардишта за војна или прогласениот “воен плен” Кичево на Ахмети каде градоначалник се избира по племенски методи од трлото на ДУИ  или пак историјата на старо-новиот градоначалник Дехари познат по неговата „европска” егзибиција на полициската станица во Кичево – овие политички аналфабети ниту можат, ниту сакаат да ја увидат причината за растечкиот евроскептицизам. Па, од сите овие европски просветлени умови, кои се расфрлаат и судат кој бил анти-европски, не се најде ниту еден поединец да отвори полемика зошто бугарската Влада не спроведува 16 пресуди на Европскиот суд за човекови права за прекршување на човековите права и правото на здружување на македонското малцинство? Дали ова не е доволно анти-европско и шовинистичко однесување – или фашисти на новото либерално општество се сите оние кои го бранат правото на самоопределување на својата нација, како цивилизациска вредност на оваа епоха?

Материјалните факти се тие дека сликата од осумтте купени пратеници (симбол на груевизмот) насмеани до американската амбасадорка Брнз; поздравувањето на неуспешниот референдум за успешен; заканите од западната дипломатија непосредно пред неуставниот референдум; неусвојувањето на амандманот за осуда на реториката на официјална Бугарија во Eвропскиот парламент; како и континуираната поддршка и молкот пред криминалите на СДС и ДУИ од меѓународната заедница – неминовно доведе до тоа мнозинството граѓани оваа владејачка криминална клика директно да ја поврзува со ЕУ и НАТО. Имиџот на оваа Влада е имиџот на ЕУ и НАТО. Што не е далеку од вистината. 

Впрочем, во една ескалација на политичка криза, кога имаше сериозни обвинувања за киднапиран пратеник (!), официјални изјави на редовните амбасади никаде немаше. Тие изостанаа целосно, ниту пак некоја амбасада демантираше дека влијаела врз убедувањето на пратеник во Собранието на друга држава – што претставува флагрантно мешање во внатрешните работи на суверена и независна држава (ако може да се нарече НАТО-ска Северна така).

‌Се поставува прашањето, од каде извира легитимитетот на сите овие НАТО-ски среброљупци, ЕУ – фундаменталисти кои влезот во НАТО и ЕУ го издигнаја на ниво на религија, кои самите поставуваат антагонизам помеѓу народите и чии фамилијарни династии изградија кариери од евтино распродавање на националните интереси низ бриселските ходници? Во Република Македонија се спроведени само три референдуми од 1991 година, како највисок израз на непосредна демократија. Во Македонија никогаш не се спроведе референдум каде мнозинството народ се изјасни дека целосно ја поддржува аспирацијата и интеграцијата во ЕУ и НАТО, кое претставува прашање од највисок државен интерес, како што е влегувањето во воени сојузи.

‌Баш напротив, на референдумот за промена на уставното име од 2018 година, и покрај сето незаконско финансирање на кампањата за Преспански договор, уцени, закани, ангажирање на НЏО-паразитите, замолчување на новинари – мнозинството граѓани јасно покажаа дека не се за влез во ЕУ и НАТО по секоја цена! И ниту една анкета на непознати агенции и институти за креирање мислење, ниту еден консензус во Собрание, ниту една привремена Влада – не може да има поголем легитимитет од народната волја изразена на референдум, како највисок чин на непосредна демократија.

Па, целосната хистерија стигнува до степен да дури и пратеници на СДСМ тврдат дека влезот во НАТО е јасен показател дека во државата нема криминал и корупција?! Во државата каде 20 години ниту еден функционер на ДУИ не е изведен пред лицето на правдата, единствената реалност и вистина извира од НАТО!

„Не можете вие да барате од мене да не се чувствувам како дел на најдлабокиот и најстар свет, кога Хераклеја ми е дома, кога Охрид ми е дома, кога Виа Игнација, единствениот автопат што постоел во Европа меѓу 5 и 15 век минувал покрај куќата на баба ми во Битола. Не може баш сè да е кај вас, а баш ништо да не е кај нас.“  

Вака говореше великанот Горан Стефановски, кој од новокомпонираните НАТО-антифашисти (како шефот на кабинетот на Шилегов, Никола Наумоски) беше прогласен за „обичен националист од дијаспората”. Во нивниот тесен свет, кој не го провоцира постоечкото, кој не го замислува невозможното, кој не ги надминува границите на комфорното – останува да бидат анационални безлични битија со коса црта и избришана историја, без сопствен белег на општественото живеење, предводени од диригентската палка на поранешен вработен во холандска амбасада од амнестирана злосторничка организација, преоблечен во зелено руво.