Македонскиот народ, Македонија и Денот на Републиката (Дан Републике), 29 Ноември

Во XIX век, во погодни социоекономски услови (нови економски односи и мешањето на големите сили за создавање свои сателити на Балканот) почна создавањето на блаканските нации и балкански национални држави. По создавањето на грчката, српската, потоа и бугарската држава започнаа и борбите за создавање на Голема Грција, Голема Србија и Голема Бугарија во чии граници требаше да влезе цела или поголем дел од Македонија.

Во средина на сето тоа е македонскиот народ кој цело време се бори за своја сопствена држава која во тоа време никако не влегува во математиките на големите сили и кои своето влијание на Балканот го гледаат само преку проширувањето на границите на веке постоечките сили.

Генерално борбата на македонскиот народ за своја држава оди вака. Прво е Разловечкото востание од 1876, па Кресненското (Македонското) востание од 1878, па Илинденското востание од 1903. Потоа меѓу двете светски војни (1918-1941), македонските дејци дејствувајќи во редовите на Комунистичката партија на Југославија, Бугарската комунистичка партија и во Коминтерната (меѓународна организација која ги обедини комунистичките партии од различни земји) работеа за меѓународно признавање на правото на македонскиот народ на самоопределување и создавање на своја држава.

Во меѓувреме, Ленин во 1914, а Вудро Вилсон во 1918, го промовираат правото на сите народи на самоопределување.
Врз база на правото на самоопределување, а под влијание на македонските дејци во балканските комунистички партии, особено по дејството на Димитар Влахов, тогаш член на ВМРО Обединета, во Коминтерната, Коминтерната во 1934 година носи Резолуција со која прв пат меѓународно е призната македонската нација и нејзиното право на создавање своја држава. Во Резулуцијата меѓудругото стои:

“… Буржоазијата на доминантните нации во трите империалистички земји, меѓу кои е поделена Македонија, се обидува да прикрие националното угнетување, ги негира националните карактеристики на македонскиот народ и постоењето на македонска нација. Грчките шовинисти тврдат дека Македонците се словенизирани Грци, великосрпските шовинисти прогласуваат тоа население за едно од “племињата” на југословенската нација и го подложуваат на насилно посрбуване, а бугарските шовинисти, експлоатираат родството на македонскиот јазик со бугарскиот и велат дека Македонците се Бугари, и на тој начин сакаат да го оправдаат освојувањето на Петричко и анексионистичната политика во однос на цела Македонија.”

Врз основа на сето ова, а дополнително засновано со организацијата на македонскиот народ од страна македонските дејци, членови на КПЈ, подоцна и КПМ, и борбата на македонскиот народ во Народоослободителната борба за време на Втора светска војна, на АВНОЈ 29 ноември 1943 година, во Јајце се носи одлука во која меѓудругото стои:


“На основа на правото на секој народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување и здружување со други народи и во склад со вистинската војла на сите народи на Југославија, посведочена во текот на тригодишната заедничка народоослободителна борба … Југославија се гради и ќе се гради на федералниот принцип, кој ќе обезбеди полна рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односно на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора и Босна и Херцеговина… На националните малцинства на Југославија им се обезбедуваат сите национални права.”

На основа пак на правото на самоопределување и на оваа одлука, врз основа на која е основана Југославија, поради што 29 ноември се славеше како Ден на Републиката, на 2 Август 1944 (Илинден), во Прохор Пчински, на АСНОМ донесена е следната одлука:

Основајќи се на суверената волја и правото на самоопределување на народот на Македонија, чии верни толкувачи се представителите во ова Собрание, а во согласност со решенијата донесени на второто заседание на АВНОЈ… во град Јајце – 29 ноември 1943 година

– Антифашистичкото собрани на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) се конституира во врховно законодавно и извршно претставничко тело на Македонија и македонската држава, како рамноправна федерална единица во демократска федеративна Југославија… Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гелдајќи ја нивната народност, пол, раса и вероисповед. На националните малцинства на Македонија им се осигуруваат сите права на слободен национален живот.”

А со тоа е и основна македонската држава и крунисана вековната борба на македонската нација.

  • Фејсбук статус на Саше Јанчев – Советник од Левица во општина Гевгелија.