АктуелноСтав

Мојсоска: Радикална им е Левица – не им е радикално вадење пратеници од притвор за глас во Собрание

„Деновиве, едно од највртените прашања во медиумите е како да се формира нова влада со ‘радикален елемент’ како Левица. Па длабоко загрижени и нервозни ги прашуваат на Мицкоски, Таравари, Касами како со таков анти-нато елемент да се коалицира.

Па не можам, а да не се запрашам, зошто било кој од нашата пребројна фела на новинари, експерти и аналитичари не го постави прашањето како партија како Беса, која во Статут има кантонизација, е дел од актуелната власт? Дали тоа не е доволно радикално и враќање во едни примитивни времиња од 19-ти век?

Или можеби да постават прашање, како се коалицира со бланко амнестирани структури на поранешна УЧК, за кои никогаш не се доистражи сите злосторства кои ги извршиле?

Дури и коалицијата на Беса и ДУИ со премиер за кој “Албанците не вредат пет пари” никој не ја поставува како проблематична.

Како не е доволно радикално, проевропска социјалдемократска партија која се бори против опасните национализми да коалицира со партии кои бараат редефинирање на државните симболи, како химна и знаме?

Во сета збирштина на амнестирани политичари извадени од нафталин, полни до гуша со криминали, разни Бучковци и ЉуБчовисти, радикалниот елемент за оваа платена гарнитура новинари (седнати во скут на амбасади) била принципиелниот став на Левица во однос на постулатите на АСНОМ. Па впрочем, за истите не беше радикална и одвратна сликата на вадење од притвор пратеници осомничени за тероризам за да кренат рака во највисокиот законодавен дом.

Па, ако да се сака сопствената татковина, да се сака достоинствен живот во неа, каде се почитува Устав и постои владеење на правото, наместо владеење на договорени амнестии, помирувања и компромиси, тоа те прави радикален анти-американски елемент – тогаш нека биде радикално за меките уши на апологетите на статус квото.

А впрочем, перјаниците на естаблишментот не можат да ја увидат радикалноста (и насилството!) на околностите во кои сме принудени да преживуваме – затоа што така ќе стане излишно нивното постоење во задржувањето на постоечките општествени односи врз кои егзистираат.“

  • Став на Јована Мојсоска – Член на Президиумот на Левица