Затоа што три месеци не земале плата, работниците со жив штит го блокираа железничкиот сообраќај

Фабриката за шински возила „Колска“ постои 105 години, таа е единствен ваков капацитет во земјава кој може да поправа патнички и товарни вагони. Поради неисплатените три плати, работниците од „Колска“ – фабриката за шински возила, со жив штит го блокираа железничкиот сообраќај на станицата во Велес.

Работниците од оваа фабрика за последните три месеци не земале ниту денар, а ситуацијата не била многу подобра ниту во текот на летото, кога добивале 70% од нивната плата. Вработените во оваа фабрика работат во катастрофални услови, без греење, без соодветна опрема и под кров кој прокиснува.

За тоа во каков правец се движи фабриката, говори и фактот дека во истата постојано се намалува бројот на вработени. Во 2002 година во фабриката имало вработено 320, а денес само 87 работници.

Покрај обемната работа, фабриката не само што не ги исплаќа редовно платите туку и ги остава работниците без здравствено осигурување. Вработените чекаат за лекување заради тоа што се без осигурување, а немаат пари за лекување во приватните болници. – Со ова на работниците директно им се загрозуваат Основните човекови права!

Од раководството на „Колска“ велат дека сметката им е блокирана поради долг од еден милион евра кон УЈП заради неплатен данок.